More

    Јовановски: Блокадите на крстосниците остануваат и ќе продолжат сѐ додека не се седне на маса и не се најде законски соодветно решение на целиот проблем

    spot_img

    Блокадите на крстосниците остануваат и ќе продолжат сѐ додека не се седне на маса и не се најде законски соодветно решение на целиот проблем. Можно е блокадите да се прошират на уште неколку крстосници, затоа што приватниците имаат доволно автобуси да го сторат тоа, а нивната намера е да го насочат вниманието кон нив и граѓаните да ја дознаат вистината, рече директорот на здружението „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, денеска на прес конференција.

    Тој потенцираше дека граѓаните не смеат да ги критикуваат приватните превозници, туку критики треба да упатат кон градоначалничката Данела Арсовска која, според него, е изворот на овој проблем. Тој додаде дека граѓаните не смеат да дозволат да имаат градоначалник кој не се грижи за јавниот интерес и го нарушува.

    Според тоа што многумина се засегнати со ова прашање, Јовановски смета дека сите институции ќе се вклучат во овој проблем, па тие на директен начин ќе треба да влијаат во разрешувањето на оваа ситуација, да ја проверат и да ја дознаат вистината, а тоа да го сторат во рамки на законите и одлуката за јавен превоз која е донесена од Советот на Град Скопје.

    – Не може Арсовска некои хирови, лични суети да ги остварува врз грбот на граѓаните, како и преку оние коишто 30 години се дел од јавниот превоз во Скопје. Ниту еден елемент, ниту член не е прекршен по желба на приватните превозници. Тие престанале да возат, бидејќи не можат да го вршат овој превоз. Решението требаше да се случи тогаш, а не со раскинување на нивните договори – вели Јовановски.

    Граѓаните иако им даваат поддршка, сепак реагираат дека се принудени со часови да патуваат за да ги завршат обврските и бараат превозниците на друг начин да ги остварат своите права.

    – Ние се обидовме на други начини да најдеме решение, но Арсовска воопшто не сакаше да седне на маса и да разговара со превозниците, а тоа го направи затоа што немаше лице да се соочи со нив, зашто се служи со погрешни аргументи, па сите методи за решавање на проблемот беа исцрпени. Но демократското право на протест е дозволено и ова е нешто што можеме да го искористиме. Притоа го земаме секој аспект за да не влијае до толку на граѓаните. Сите треба да знаат дека ова не е приватно царство со кое некој може да царува како што сака и така да го малтретира сопствениот народ. Ние очекуваме поддршка од граѓаните, а имаме најави дека некои граѓански здруженија ќе ни се придружат во протестите со цел побрзо решавање на овој проблем – рече Јовановски.

    Тој побара Владата да се вклучи како медијатор во оваа состојба и во најмала рака да каже кој ја говори вистината, а кој не, иако е свесен дека овој проблем не е под нејзина ингеренција.

    До „Слобода превоз“ денеска е стасано известување за раскинување на договорот со Град Скопје. На прашањето дали има едногласност меѓу приватните превозници да не се пријават на повикот, Јовановски одговори дека никој од нив не би се пријавил знаејќи дека Градот веќе им должи пари.

    – Дали овие превозници на кои веќе им се должи четири месеци ќе се пријават на некој оглас и повторно четири месеци ќе работат и финансираат во бизнисот, за повторно градоначалничката да каже дека не ги исплаќа и да ја тужат? Како може да има јавен повик и да очекува некој да се приклучи на нешто што таа нема намера да го плаќа – праша Јовановски и додаде дека „таа е комотна во тој дел бидејќи нејзе финансиски не ѝ влијае тоа и можеби нема да биде градоначалник кога ќе се реши проблемот“.

    Јовановски на почетокот на прес-конференцијата рече дека приватните превозници со неодговорниот однос на Арсовска ја губат својата работа, а исто така не им е исплатен долгот, и со таквото однесување на градоначалничката, систематски се нарушува и јавниот интерес.

    Тој потенцираше дека во моментов не се работи само за долгот, ниту за приватно побарување кое треба да се решава со тужби, туку дека ова е последица од неодговорно, и како што потенцираше, уличарско однесување – некој да ви даде право да извршувате нешто од јавен интерес, а потоа да каже тужете, нешто што ќе трае повеќе години, а последиците ги трпат граѓаните.

    – Сето ова требаше да биде почнато и завршено во друга постапка, меѓутоа, незнаењето, паниката, суетата или некој кој ќе се дограби до каква било позиција во оваа држава, како што е градоначалникот во овој случај, си го направи своето. Граѓаните не смеат да трпат, затоа што ова не е приватна градина на Арсовска, па таа да си ја работи како што сака. Таа е должна да се грижи за јавниот интерес, да се грижи за граѓаните, но и да постапува според законите и одлуките на Советот на градот – рече Јовановски, кој говореше во името на сите приватни превозници.

    Директорот на „Слобода превоз“ рече доколку станува збор за некакво сценарио, тогаш тоа е финансиски да се исцрпат приватните превозници, кај нив да се создадат големи долгови, да не можат да ја извршуваат дејноста, па така исцрпени да престанат да ја вршат, а потоа некој да има причина да им ги раскине договорите и да ги исфрли од игра оние кои повеќе од 30 години се дел од градот Скопје.

    – Она што можам да го гарантирам е тоа дека во текот на оваа недела ќе биде објавен оглас од Град Скопје на кој сите приватни превозници ќе можат сами да се пријават. И тоа е уште една лага. Јас гарантирам дека такво нешто не може да се случи, а доколку го направи тоа ќе се коси со законот и со одлуката на Советот – објасни тој.

    Откако не беше постигнат договор со градските власти за подмирување на долгот што Град Скопје го има кон приватните превозници тие утрово од шест часот повторно протестираат со блокирање на двете крстосници пред ТЦ „Мавровка“ и пред Црвениот крст, како и на булеварот Илинден.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img