More

    Експерти предупредуваат дека ЕСМ не смее целосно да се приватизира

    Тешко може да профункционира заеднички фонд за набавка на енергенси како што предложи претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески иако идејата е добра, а приватизирање на ЕСМ е неприфатливо бидејќи се нарушува енергетската стабилност на земјата, велат стопанственици и експерти.

    Според нив, со оглед дека големината на компаниите во земјава е различна и потребите за струја се различни, тешко дека ќе може да се договорат како да вложуваат во тој заеднички фонд и како и по која цена би ја распределувале струјата. Дополнително, ако Фондот се формира под капа на државата, проблемот ќе биде уште поголем, бидејќи бавните државни институции оптоварени со партиски интереси ќе го направат место за манипулации и корупција, од кое нема да имаат корист компаниите.

    Во однос на приватизацијата на ЕСМ, тие велат дека ако државата се одлучи за такво нешто мора да задржи најмалку 51 отсто од акциите за да не се доведеме во ситуација да немаме струја.

    Професорот Константин Димитров иако нема јасна слика за тоа како би изгледал заедничкиот фонд за набавка на енергенси на компаниите, вели дека со таа идеја може да се продлабочат проблемите.

    – Не знам како би изгледал еден таков фонд, бидејќи Азески не кажа детали за тоа. Кој ќе го формира, дали државата или компаниите, но прво што паѓа во очи е дека компаниите ќе треба да издвојуваат пари, а кога се во прашање парите кај нас се асоцира на манипулации и корупција. Проблем е и тоа што компаниите на слободен пазар купуваат од различни трговци на струја. Кого ќе изберат за да им ја заврши работата? Но, сепак, многу е тешко да се даде мислење само на исфрлена идеја – вели Димитров.

    Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавачи, вели дека идејата е добра, но тешко остварлива од повеќе аспекти.

    – Идејата е супер, но тешко остварлива, ако не се создадат јасни правила на игра. Но со оглед дека кај нас транспарентноста е слаба страна и овој фонд би можел да отвори фронт меѓу државата и бизнисите и меѓу самите бизниси, бидејќи поради слабата транспарентност би бил извор на манипулации и корупција, што е практика. Од реална гледна точка, во тој фонд би членувале различна категорија компании од големи потрошувачи на струја до средни компании. Во реалната состојба не можете да ги споредите „Фени“, рудниците и Железара на пример кои трошат многу струја и треба да вложуваат десетици милиони евра, и мали компании кои ќе треба да вложуваат мали суми. Тука немате еднакви играчи. И ако немате добри правилници и добра распределба на струјата тогаш ќе им проблем. Мислам дека фондот може да се направи да почне да работи и при првата средба да имате ненадминлив проблем меѓу нееднаквите играчи. Според тоа, идејата е неостварлива и може да се рече дека е утопија – вели Бошков.

    Според него, предлогот е и многу задоцнет, бидејќи и да се формира фондот, неговото функционирање не би можело да даде брзи ефекти, што пак не е во прилог на моментланите потреби на бизнисите.

    За поранешниот прв човек на рудниците „Бучим“, Николајчо Николов идејата за формирање фонд за заедничка набавка на струја е тешко остварлива бидејќи досегашната практика на функционирање на слични фондови е неславна.

    – Нема некои детали за неговото формирање, но ако има спојување на големите со малите потрошувачи на струја ќе биде проблем. Дополнително ако во тој фонд се замеша и политиката, што е практика која не може да се избегне кај нас, заткулисни игри и сè друго што носи една ваква идеја, нема да има никаков ефект од неговото формирање – вели Николов.

    Според него, и сега ако сакаат компаниите големи потрошувачи на струја можат да се здружат и да набават заеднички струја за да обезбедат таа да биде поевтина, но тоа не го прават бидејќи имаат различни интереси.

    Во однос на продажбата на акции од ЕСМ на приватни компании и на граѓани, и тројцата велат дека ако се донесува ваква одлука мора да се внимава државата да има можност да управува со работата на ЕСМ.

    – Јас одамна предложив дел од ЕСМ да се понуди на продажба, но државата да задржи најмалку 51 отсто од сопственоста за да може да управува. Мој предлог е и ХЕЦ Чебрен да биде градена на ваков начин – вели Димитров.

    Бошков, пак, смета дека со овозможување да се купуваат акции во ЕСМ нема да се реши кризата.

    – Ова не е соодветно решение и нема да значи дека ќе се подобри управувањето со ЕСМ. Државата кога ќе има поголем процент на акции ќе има можност да поставува свои луѓе во управувачките структури на компанијата, а тоа се покажа како многу лошо за развојот на компанијата – вели Бошков.

    Николов, пак, смета дека не треба да се дозволи да се повтори грешката со приватизацијата на ЕСМ како што тоа се направи со продажбата на дистрибуција на ЕВН.

    – Државата мора да го задржи овој стратешки капацитет. Ако има намера да приватизира дел од него тоа треба да го направи со тоа што ќе има поголем удел во капиталот и управувањето за да може да решава како ќе функционира секторот. Инаку, ќе се доведеме во ситуација со државни монополи да управува приватен капитал, а овој монопол е од животно значење за државата – вели Николов.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img