More

    Демонстрантите да ги симнат качулките, полицајците да ги спуштат пендреците, новинарите да не пласираат лажги со опашки

    spot_img

    Францускиот предлог совршено ни илустрира колку само ЕУ нема допир со реалноста на Балканот. Секој човек со основно разбирање за ситуацијата во Македонија би знаел дека предлогот не би можел да биде прифатен од луѓето и дека тоа ќе доведе до масовни протести.

    Ова, по синоќешното каменување на Законодавниот дом и по судирот на демонстрантите и полицајците пред Собранието, го изјави професорот Бранимир Јовановиќ, кој додава дека опсегот на последиците е таков што од насилното туркање на сегашната власт може да се дојде само до формално прифаќање на предлогот, без вистинска имплементација.

    Насилството не води никаде и со насилство не може да се издејствува решение со коешто сите страни ќе бидат задоволни. Со оваа констатација се согласуваат буквално сите – и политичари-десничари, и политичари-левичари, и граѓани-неопределени, и владици, и попови…

    Но, како е во реалноста? Едните се жалат дека другите им уфрлаат провокатори во толпата. Другите се жалат дека првите имаат намера да го повторат „крвавиот четврток“. А во меѓувреме, додека политичарите распалуваат огнени стрели едни кон други, истовремено летаат камења врз шлемовите на полицајците и се кршат пендреци од грбовите на демонстрантите.

    Затоа, едно е сигурно: насилството мора да запре, уште вчера! Како што може да се забележи на социјалните мрежи, едни од најактивните демонстранти кои со денови спијат во шатори пред Владата, го повикуваат македонскиот народ да излезе на протест, но без качулка на главата. Во спротивно, посочуваат тие, предлагаат полицијата веднаш да реагира и да ги уапси демонстрантите кои ќе го кријат своето лице.

    Вчерашниот крвав епилог од насилните протести пред Собранието можеше да биде уште покрвав доколку македонскиот народ ја прифатеше лажната вест објавена на порталот Мактел како вистинита, а во којашто беше наведено дека „Неколку илјади Албанци организираат контра-протест кај Мавровка – полицијата ги спречува да го поминат мостот Гоце Делчев“.

    А всушност, навивачите на скопскиот фудбалски клуб „Шкупи“, познати под името „Шверцери“, синоќа се упатиле кон Градскиот стадион за да го поддржат својот клуб во натпреварот против ФК „Линколн“. Чиста случајност, или, пак, полициски пропуст, било тоа што навивачите за малку ќе се сретнеле со демонстрантите кои протестираат против францускиот предлог, а коишто во исто време марширале од Владата до Собранието.

    Токму ваквите потпалувачки лажни вести зачинети со меѓуетнички предзнак, појаснуваат политичките и безбедносните експерти, имаат огромна разорна моќ и можат да предизвикаат далеку поголема штета од било кој фрлен камен кон државните објекти.

    Демократско право или вандализам?

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најостро ги осуди синоќешните настани пред Собранието, кога 47 полицајци беа повредени од кои двајца потешко.

    Синоќешните настани тој ги окарактеризира како вандализам, посочувајќи дека протест е демократско право, упатувајќи порака до политичките партии дека не смеат да организираат насилни протести и насилно уривање на власта.

    Не ви паѓаме на тие евтини финти, за после да имате основ да го поапсите цело раководство на партијата.

    Димитар АпасиевЛевица

    Министерот кажа дека полицијата привела 11 лица, од кои двајца од нив се малолетни. Според него, нема повредени демонстранти. Полицијата делувала само кон таа група граѓани кои напаѓале.

    – Сите информации се собрани дури и за организаторите – рече Спасовски додавајќи дека полицијата има информации оти насилни протести би можеле да се повторат и вечерва дури и со употреба на молотови коктели притоа повикувајќи ги организаторите и лицата кои се подготвуваат за вакво сценарио да се откажат од него.

    Одговор на ваквата изјава на министерот веднаш следуваше од лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

    „Синоќа не ви влеговме во стапицата на тајната полиција. Педесеттемина уфрлени провокатори со качулки од АНБ, кои застанаа пред транспарентот на Левица, беа навреме прочитани и левичарите се дистанцираа од нив со санитарен кордон. Имаме километража со протести. Не ви паѓаме на тие евтини финти, за после да имате основ да го поапсите цело раководство на партијата (како што ве учат петте агенти на ЦИА за местенки, кои дошле пред два дена во Македонија). Македонија е долга и широка работа бе, предавници! За неа сме спремни и да изгинеме, ама не сме до толку глупи да наседнеме на вашите проѕирни местенки. Се гледаме секоја вечер – сѐ побројни и сѐ посплотени! До конечниот пад на оваа корумпирана окупациона Влада. Тргнавте против народот со палици, специјалци и кучиња!? Ќе завршите бетер од Гоца. Никој не победил народ со пендрек. Се гледаме на барикадите! До вашиот конечен крај“, напиша Апасиев на Фејсбук.

    Дефокус од главната тема

    Од партијата на Димитар Ковачевски најостро го осудуваат насилството на протестите организирани од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, а како што е наведено во соопштението на СДСМ, вчерашните сцени во голема мера наликувале на „крвавиот чеврток“.

    „Како што објави Министерството за внатрешни работи во синоќешното насилство повредени се 47 полицајци, а нанесена е штета и врз објектите на Владата, Собранието и Министерството за внатрешни работи. Јавноста синоќа сведочеше како насилници со качулки ги нападнаа полицајците, фрлаа запалливи течности, ги каменуваа припадниците на македонската полиција и се обидоа насилно да влезат во Собранието. Слични сцени се случуваа и на крвавиот четврток на 27 април 2017 и сите знаат што тоа значи. По синоќешните немири мора да следува одговорност од сторителите, но и од организаторите и поттикнувачите на насилството. Протестот е уставно загарантирано право, но насилството е кривично дело и одговорност за ова мора да понесат сите инволвирани. СДСМ, институциите, заедно со граѓаните, нема да дозволи насилничкото однесување и сценаријата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица да ја загрозат стабилноста на државата“, се вели во партиското соопштение.

    Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ: За среќа, народот е мудар и добро препознава кои се уфрлени насилници и нема да наседне на провокации

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, на ваквите обвинувања одговори со тоа што ја обвини власта дека намерно уфрла провокатори во толпата демонстранти кои излегле да го изразат своето незадоволство и револт.

    – Што се однесува до протестите, ние остануваме со народот заеднички да го изразуваме незадоволството и револтот. Исто така, сакам да посочам дека инцидентите кои се случија, а потоа и бруталноста која се демонстрираше на дел од учесниците, се резултат на инсталациите на министерот Оливер Спасовски и премиерот Димитар Ковачевски кои транспарентно го најавуваа сценариото кое го применија. Таквиот театар каде ќе упаднат инфилтратори пратени од полицијата, а потоа ќе се апсат луѓе – е за дефокус на вниманието од предавството кое го прават и најдобар начин да се задуши народниот отпор. За среќа, народот е мудар и добро препознава кои се уфрлени насилници и нема да наседне на провокации – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

    Тоа што синоќа се случи пред Собранието не е вистинското лице на европска Република Северна Македонија, земја членка на НАТО, напиша на Фејсбук премиерот Димитар Ковачевски.

    „Протестите се демократско право на секој граѓанин, но насилството не може да се оправда со ништо. Најостро го осудувам нападот врз полицијата која синоќа беше на висина на својата задача, професионално штитејќи ги граѓаните и државните институции. Насилството и омразата не се и не може да бидат решение за ниту еден проблем. На потпалувачите на протестите ќе им порачам – не манипулирајте и не злоупотребувајте млади луѓе за да ги задоволите вашите политички апетити. Вашето сценарио синоќа резултираше со над 40 повредени полицајци и над десетина приведени. 27 април нема да се повтори“, напиша Ковачевски.

    Владика Пимен: Лошо е да си полицаец, а полошо е да си мајка на полицаец

    Гледајќи како синоќа ескалира состојбата на протестите, се потрудив да го најдам еден мој одамнешен пост со кој сум им го честитал денот на полицајците. На оние полицајци кои професионално си ја вршеа работата и на протести и на контрапротести, кои стоеја достоинствено исправени и пред Шарените и пред Тврдокорните и на Битпазар, кои стојат и денес пред оние кои протестираат, напиша на Фејсбук митрополитот европски г. Пимен.

    „Го читнав и се нажалив дека ете ништо не се сменило и денес. Тие си ја вршат работата, а нивните домашни се плашат за нивните животи. Еве го постот за да се уверите во неговата актуелност и денес, но и да размислите да не ја барате кривицата во погрешни луѓе. Аманте луѓе, бидете луѓе. Убаво е да протестираш! Поубаво е да не те натепаат на протест… Најубаво е да си политичар и од страна да си гледаш… Лошо е да си ПОЛИЦАЕЦ бидејќи си меѓу два огна. Полошо е да си МАЈКА на полицаец и да стравуваш дали жив и здрав ќе се врати дома. Најлошо е да си ДЕТЕ на полицаец и да знаеш дека татко ти е жртва на политичарите, од една страна, а од друга на хулиганите!!! А сепак тој е херој!”, напиша владиката Пимен.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img