More

    Аптеките уриваат рекорди во продажба на брзи тестови

    spot_img

    Бројката на неевиденирани заболени од ковид е до 10 пати поголема од официјалните дневни бројки што ги соопштува Министерството за здравство.

    – Бројката на неевиденирани не е 2-3 пати поголема, туку 7-10 пати поголема. За да имаме каков-таков увид Комисијата за заразни болести предложи секој ден аптеките да даваат извештај за бројот на продадени брзи тестови, но за жал до сега таква информација немаме – коментира д-р Нико Беќаровски по вчерашната објава на текстот на Плусинфо „ОДБИВААТ ДА ПРАВАТ ПЦР ТЕСТ Омикронот хара низ земјава, ама во официјалната статистика опаѓа“.

    Како што дознаваме, во периодот од мај и заклучно со август годинава во еден познат синџир аптеки во земјава се продадени 48.130 рапид тестови за откривање на ковид-19. Во споредба со истиот период лани, од мај до август се продадени 13.380 вакви тестови, со што пикот бил во август кога имаше и над илјада заболени од ковид дневно во официјалната статистика.

    – Годинава продажбата е многу зголемена. Пикот на продажба на брзите домашни тестови беше во јули и во август – велат од овој синџир аптеки.

    Во аптеките годинава се продаваат тестови од повеќе производители од Европа, но има и кинески. Цената на тестовите лани се движела од 300 до 450 денари, а годинава е намалена и се движи од 210 до 299 денари.

    За да води евиденција за сивата бројка заболени од ковид Комисијата за заразни болести побарала од аптеките да им доставуваат информации за бројот на продадени тестови, но како што вели Беќаровски, никој не им ги дал бараните податоци за продажбата. Комисијата нема начин како да дојде барем проближно до точната бројка заболени од ковид затоа што огромен број граѓани одбиваат да прават ПЦР тест и се тестираат со домашни тестови или воопшто не се тестираат. Тоа повлекува и непочитување на пропишаните протоколи за изолација на заболените од 7 или 10 дена, зашто секој сам проценува кога е „здрав“ и почнува да се социјализира. Тоа веројатно е главната причина поради која толку многу е раширен вирусот во овој период во земјава.

    – Замислете колку е раширен вирусот, а болните не се евидентирани во официјалната статистика. Од 9 болни што ги знам во моментов, само тројца сме тестирани со ПЦР, другите се тестирани со домашни тестови, а некои не се тестирани ни со домашни тестови. Секој сам си одредува колку време ќе седи во изолација, иако официјално треба 10 дена да се биде изолиран – вели скопјанка за Плусинфо.

    Од друг познат синџир аптеки, исто така, потврдуваат дека продаваат голем број тестови, особено во последно време.

    – Оваа варијанта дава полесна клиничка слика и со витамини многумина ја лекуваат брзо и за една недела веќе се негативни. Не прават тестови затоа што со правење тест во лиценцирана институција веднаш добиваат решение за изолација и со тоа им се отвора боледување. А за да не им биде намалена платата за 5-6.000 денари, си се лекуваат сами дома со витамини – велат од овој синџир аптеки.

    Варијантата омикрон на ковид-19 која што доминира во овој период носи полесна клиничка слика и за лекување се препорачува главно витаминска терапија.

    ШТО ПОКАЖУВА ОФИЦИЈАЛНАТА СТАТИСТИКА?

    Според податоците од неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 15 до 21 август регистрирани се вкупно 2.686 нови позитивни случаи на ковид-19 од 34 градови во земјава, со намалување од 22,7 проценти во однос на претходната недела.

    Најголем број од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока инциденца е регистрирана во Делчево, Кавадарци, Гевгелија, Пехчево, Охрид, Неготино, Берово и Кратово.

    Согласно податоците од ИЈЗ, најзастапена е возрасната група на лица над 60 години. Во однос на претходната недела, регистрирано е намалување кај сите возрасни групи со најзабележително намалување од 36,3 отсто во возрасната група 10-19 години.

    Заклучно со 21 август вакцинирани се вкупно 875.486 лица со барем една доза вакцина
    против ковид-19 во државата и во странство. Комплетно вакцинирани со две дози се вкупно
    856.527 лица.

    Опфатот со две дози вакцина против ковид-19 кај населението над 18-годишна возраст
    изнесува 58,2 проценти, односно 54,0 отсто кај население над 12-годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 46,6 проценти.

    Опфатот со трета доза кај населението над 18-годишна возраст изнесува 11,1 проценти, додека кај населението над 12-годишна возраст е 10,2 отсто. Опфатот со трета доза на вкупното население изнесува само 8,8 проценти.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img