More

    Ако не ги привлече Охрид, ќе ги привлече Албанија со стари лични карти

    spot_img

    Туристичките агенции ќе загубат половина од она што планирале да го реализираат за 8 Март и за велигденските празници, па и за претсезоната бидејќи дел од граѓаните кои сакаат да патуваат нема да успеат да ги добијат патните исправи навреме и се откажуваат од патување, а проблем се и сообраќајните дозволи и налепниците со новото уставно име за автобусите кои се користат при патувања. Колку од домашните туристички центри ќе успеат да ги насочат граѓаните кај нив, ќе зависи од тоа колку ќе успеат да се прилагодат на новата состојба.

    Туристичките работници велат дека за нив претсезоната е на прагот да биде уништена бидејќи загубиле половина од клиентите кои патуваат. Групите сега се намалени, а трошоците се зголемиле.

    – Почетокот на сезоната е катастрофален, а ако продолжат и проблемите со патните исправи, возачките и со сообраќајните дозволи може да ја изгубиме и претсезоната. Некои од турите веќе се преполовени, а некои исто така ќе се преполоват или проретчат во текот на годината, поради тоа што граѓаните нема да успеат да добијат патна исправа ни по итна постапка. Имаме проблем и со патните и со другите документи на нашите вработени кои треба да ги предводат турите, а некои од агенциите имаат и проблем со автобусите кои треба да ги возат турите. Или возачите немаат комплетна документација за патување надвор од земјава, или пак не успеале да ги обезбедат налепниците. Сето тоа неповолно се одразува на почетокот на сезонава – вели Асим Меѓедовиќ, член на Здружението за туризам на Стопанската комора.

    Тој додава дека оваа состојба може многу да се одрази на целата сезона, ако не се промени состојбата.

    – Со оглед дека сме во изборна година и стихијно се решаваат проблемите, не верувам дека ќе можеме да ги реализираме годишните планови. Згора на сѐ имаме намален интерес на граѓаните за патување поради економските случувања и сето тоа ќе се одрази на туризмот кој некако се обидовме да го закрепнеме изминатата година – додава тој.

    Дел од агенциите, покрај проблемите со патните исправи на граѓаните и на нивниот персонал, сметаат дека повисоките цени на патувањата и она што дополнително треба да го платат за нив ги одвраќаат граѓаните да патуваат годинава. Дел од државите ги зголемија туристичките такси и пансионските услуги со што и целото патување станува поскапо.

    Колку во вакви услови може да профитираат домашните туристички локалитети зависи од она што ќе го понудат и дали е тоа поевтино од престојот во странство.

    – Состојбата со патните исправи може да придонесе да продолжи трендот на пораст на домашни туристи на охридското крајбрежје кој почна за време на корона кризата. Очекувањата се дека за време на првите празници голем број од граѓаните ќе го посетат овој туристички регион. Тука влијае и подобрената понуда на туристичките капацитети што влијае на зголемување на бројот на домашни туристи – вели Олег Маленко од охридската агенција „Виспој“.

    Тој смета дека проблемот со пасошите и годинава може да го зголеми бројот на туристи во Албанија, ако земјава не успее да ги пренасочи кон домашните капацитети.

    – Оваа земја е во подем со туризмот, но и начинот на кој политички се менаџира секоја кризна ситуација поволно влијае на тамошниот туризам. Албанија сега дозволува влез со стара лична карта, па за граѓаните кои немаат патни исправи со новото име имаат опција странство да им биде албанскиот брег. За разлика од Албанија, нашите политичари малку размислуваат за домашниот туризам, граѓаните или за бизнисите, а тоа се покажува во целиот изминат период – додава тој.

    И Дончо Нацевски од „Арбо травел“ смета дека сега домашните хотелиери и државата треба да го насочат делот од граѓаните кои нема да може да оди во странство да престојува во домашни туристички капацитети.

    – Претпоставка е дека 30% од граѓаните нема да успеат да извадат пасош до почетокот на летната сезона. Овие граѓани треба да се пренасочат кон нашите туристички центри. Тоа може да се постигне со субвенции на државата на хотелиерите и туристичките агенции и со приспособени цени на стандардот на граѓаните. За пример би го посочил фактот дека и тура од 750 денари која се организира низ земјава е скапа за некоја категорија граѓани. Тоа треба да се има предвид кога се носат одредени мерки, а ако се има предвид дека сегашната цена на полупансионите во хотелите е 70 евра може да се види каква е вистинската состојба. Ако тоа се успее, овие 30% граѓани можат да бидат домашни туристи, наместо да одат во соседна Албанија – вели Нацевски.

    Тој смета дека при субвенционирањето државата треба да обезбеди рамноправен однос кон сите вклучени во туризмот, наместо да субвенционира само одредена категорија субјекти.

    Владата деновиве распиша јавен повик за граѓаните со семеен нето-приход понизок од 50.000 денари за добивање ваучер од 18.000 денари за одмор во домашни туристички капацитети. На овој начин, како што беше најавено, на одмор ќе престојуваат 3.555 граѓани.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img