More

    Чевларски сектор Куманово: Сè што заработуваме, оди за трошоци

    spot_img

    По шокот од кризата поврзана со пандемијата полека почна да се стабилизира чевларскиот сектор во Куманово. Ако на почетокот на пандемијата и исклучителната поврзаност со двете држави со кои соработуваат кумановските чевларски компании, Кина од каде набавуваа репроматеријали и Италија каде што ги извезуваа, сега тие проблеми се надминати со мерките. Меѓутоа нов предизвик за нив е енергетската криза, високите сметки за електрична енергија што ја погодуваат кревката индустрија која генерира приближно 3.000 вработени од Куманово.

    – Втората пандемска година беше релативно постабилна во однос на првата и се надевавме на посериозни резултати, но имаме нов удар-енергетската криза поради која сите наши планови пропаднаа. Непланираните трошоци не успеваме да ги надминеме, немавме време да ги зголемиме сопствените цени, а трошоците ни се трократно зголемени. Доколу потрае кризата, голем број компании ќе бидат на граница на издржливост, па дури и на затворање – вели претседателката на здружението на чевлари, Лидија Милановска.

    Од здружението на чевлари „Куманово“, кое бори 50-тина компании пред сè од градот, но и на ниво на државата, велат дека овој проблем ќе се обидат да го надминат преку поддршка од надлежните, но и преку одложено плаќање на зимските сметки за струја.

    Енергетската криза се совпадна со грејната сезона во компаниите кои трошат исклучиво електрична енергија и за производство на полуготовите производи и за затоплување. Пред кризата просечно компаниите трошеле по седум денари за киловат/час, додека сега е 18 денари.

    – Фирмите работат без денар добивка, сè што заработуваме, сè оди за трошоци. Имавме состанок на ниво на здружение, подготвуваме барање кое ќе биде испратено до премиерот, до Владата, ресорните министерства за помош, а се однесуваат на одложено плаќање. Летниот период имаме пониски сметки и тогаш ќе можеме да ги платиме и тековните и заостанатите од зимски период. Ќе бараме и субвенции по извесен пар обувки. 95 проценти од фирмите работат за извоз и затоа бараме помош за извоз – вели Милановска.

    фото: МИА

    Секторот имаше сериозни препреки на почетокот од пандемијата кога се затворија и Кина и Италија. На почетокот од 2020 во април работеле само десет проценти од вкупниот број компании, сезоните биле прекратки, фирмите се соочиле со намалувањето на производството, дел од работниците кои биле под договор останале без работа извесен период и повторно биле ангажирани откако компаниите почнале со работа.

    Во оваа состојба на чевларските компании значително им помогнала владината поддршка за минимална плата. Според Милановска голем број компании од секторот преживеале со поддршката од Владата и мерките.

    – Да не беше таа поддршка, голем број од фирмите сега немаше да постојат. Ако беа затворени десет, без владината поддршка ќе беа затворени голем број на фирми – изјави Милановска.

    Сепак, притисокот тогаш не го издржаа најмалку десет компании од Куманово, кои затворија поради пандемијата, претежно мали и две-три средни претпријатија со најмалку триесетина вработени.

    – Многу добро поминаа оние производители кои работат детски чевли, но и оние кои опстанаа, генерално. Магацините во втората пандемска година се испразнија. Имаше огромна побарувачка, дојдовме до момент кога не можевме да изработиме колку што имавме нарачки. Знаете дека константно се намалува бројот на вработени има дел кои си дадоа отказ поради страв од вирусот бидејќи се хронично болни, нови вработувања немаме. Имаме можност да зголемиме производство, но сега пак немаме работна сила – рече Милановска.

    Таа посочи дека во одредени држави од соседството има државна помош за нововработени кои се ослободени од придонеси и давачки. Индустријата вели Милановска ги надминала проблемите од зголемувањето на минималната плата. Таа рече дека ќе мора скалесто да се зголемуваат платите за да не дојде до изедначување на ниско и висококвалификуваните кадри.

    – Ние први реагиравме кога се зголеми платата од 12 на 15.000 денари, кажувавме дека може да дојде до изедначување на платите. Сме за зголемување на платата, но не со толкав процент, ние први почувствуваме, сега со проблемот се соочуваат сите. Реално како сектор два пати годишно зголемуваме плата од пет до десет проценти, зависно од договорената сезона која се спроведува два пати годишно и секако дека ги зголемуваме платите скалесто. Не може да се дозволи најискусните да ги израмниме со пониско квалификуваните – изјави Милановска.

    фото: МИАИако, има доволно повици преку Министерството за економија, во рамки на годишната програма за конкурентност, иновации и претприемништво, за поддршка на микро, мали и средни претпријатија, недоволен е интересот на кумановските чевларски компании за пријава, покажуваат податоците на ова министерство. Милановска смета дека ова се должи на неможноста некои од компаниите да ги исполнат условите.

    – Со секое аплицирање има одредени услови кои голем дел од фирмите не можат или не се сигурни дека ќе можат да ги исполнат. Не се сите увозници, оние кои увезуваат се сигурни дали можат да дојдат до одредена цена, меѓутоа помалите шивални кои работат како подпрозиводители на поголемите фирми се во неизвесност, можат да изгубат работа до утре. Некои дури ни во пандемија не побараа основна помош, не беа сигурни дали ќе го задржат бројот на вработени кои константно се намалува – вели Милановска.

    Лани преку мерката финансиска поддршка на микро мали и средни претпријатија, наменета за преработувачка индустрија за субвенции од 50 проценти од докажани трошоци, добиле девет претпријатија од Куманово и меѓу нив само една чевларска. За женско претприемништво кое нуди дури 80 отсто од докажани трошоци не аплицирало ниту едно претпријатие од Куманово. За субвенционирање на трошоци на занаетчии преку кофинансирање на трошоците од 60 проценети, добиле пет кумановски фирми, од нив една за производство на обувки. За исполнување на халал системот добила една компанија од градот, но не овој сектор.

    Чевларите од Куманово не аплицирале ниту за мерката кофинансирање на дел од трошоците на претпријатија за купување на опрема, инструменти, алат кои ќе послужат и ќе се користат исклучиво за обука, настава на лица за стекнување на вештини и квалификации, иако има четири компании од градот кои добиле субвенции.

    „По горенаведените мерки од програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2021 година, област A. Поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија и занаетчиство, субвенционирани се вкупно 15 деловни субјекти од Куманово (претпријатија/занаетчии) од кои само две се со претежна дејност 15.20 производство на обувки“, соопштија од Министерството за економија.

    Од ресорното министерство посочија дека за развој на претприемништвото и конкурентноста на мали и средни претпријатија за 2022 година предвидени се повеќе мерки за чија реализација обезбедени се средства од Буџетот на РСМ за 2022 година во вкупен износ од 62.000.000 денари.

    Компаниите ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија во вкупен износ од 50.000.000 денари, субвенционирање на трошоци на занаетчии во вкупен износ од 6.000.000 денари кои ќе се реализираат преку објавување јавни повици.

    „Компаниите чија претежна дејност е од областа на преработувачката индустрија, вклучително и производство на обувки ќе можат да аплицираат по објавување на јавните повици за секоја мерка“, повикаа од Министерството за економија.

    За кумановските чевларски компании најголем проблем е константното намалување на кадарот. Милановска вели дека нема невработени од подрачната агенција за вработување од овој сектор. Мала надеж им дава тоа што државата покажа волја и ги мотивира учениците да се запишат на стручно образование и преку концептот за дуално образование се надеваат дека ќе има интерес помеѓу младите за изучување и ангажирање во овој занает.

    Александра Максимовска

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img