More

    Општините смислуваат начини како да ги поштедат и граѓаните

    spot_img

    Можат ли општините да заштедат на струјата која годинава ги сруши нивните буџети? Дел од градоначалниците велат дека можат и предлагаат најразлични начини за да ги намалат сметките за струја.

    Експертите се согласни дека секој заштеден киловат е во прилог не само за буџетите на општините, туку и за граѓаните и за државата.

    Општините изминатите месеци добиваат далеку повисоки сметки за струја од она што го планирале во буџетите за цела година за таа намена поради пазарната цена на струјата што ја плаќаат откако беа поништени договорите за набавка на струја од страна на фирмите снабдувачи.

    Градоначалниците очекуваа помош од владата, но не ја добија и сега се принудени да се снаоѓаат самите и покрај тоа што дел од нив имаат мали буџети, а повеќето од општините се презадолжени.

    Секоја општина има посебен начин на штедење на електрична енергија, но скоро никоја од нив досега не посегнала по рестрикции кои би го нарушиле работењето на објектите со кои управуваат или би ја намалиле достапноста на нивните услуги до граѓаните.

    Еден од начините на штедење кој го најави општина Карпош е исклучување на уличното осветлување.

    Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, вчера информира дека со исклучување на уличното осветлување од 5 часа планира да заштеди 30 отсто од сметката за струја или 2 милиони денари. Последната сметка за улично осветлување во оваа општина изнесувала 7 милиони денари.

    – Набавивме 173 тајмери коишто после 1 часот по полноќ го гасат светлото од причини што сметките за електрична енергија се 3,5 пати поголеми во однос на оние што сме ги имале претходните години во исто време, односно во 2021 и во 2020 година за улично осветлување сме потрошиле 13 милиони денари за цела година и такви историски трошоци биле предвидени и за 2022 година. Но, за жал, само во првите три месеци годинава сме потрошиле 13 милиони денари за електрична енергија. Сметките кои биле 2 милиони денари сега се 7 милиони денари. Тоа се 5 милиони денари плус секој месец, односно 80.000 евра – информира Јакимовски во своето видео-обраќање до граѓаните.

    Пресметките на општината се дека ако не ја воведе оваа рестрикција граѓаните кои сега плаќаат 150 денари по тарифно броило за улично осветлување ќе треба да плаќаат по 500 денари.

    Ваков предлог во февруари годинава имаше и советникот од редовите на Левица Дарко Димовски во општина Бутел.

    Тој предложи да се вгради систем на таканаречено „димирање“ во електричните ормари за напојување на канделабрите за улично осветлување, на улиците во населените места на територија на општината.

    „Уличното осветлување да биде активно целосно до полноќ, а потоа да се добива осветлување преку една канделабра, со што ќе се овозможи 50 отсто заштеда на електричната енергија (сметано од полноќ до шест часот наутро). Во зависност од техничката можност на сегашните светилки за улично осветлување, може да се постави систем за ‘димирање’, кој ќе овозможи после полноќ (до шест часот наутро) да се намали поединечното осветлување во однос на моќноста. На пример, од 250 на 150 вати по светилка, со што може да се направи заштеда на сметките за електрична енергија“, гласеше предлогот на Димовски.

    Димовски вели дека неговиот предлог кој бил адресиран до градоначалникот не е прифатен, но општината формирала посебно претпријатие за набавка на струја на слободен пазар.

    – Предлогот не беше прифатен. Беше адресиран до градоначалникот, а повратен одговор немам добиено до сега со какво било објаснување зашто не е прифатен. Во однос за заштедата на струја општината премина на формирање на јавно претпријатие ЈП „Бутел 2022“ и на тој начин ќе набавува струја на слободен пазар, а не преку универзален добавувач „ЕВН хоме“ – вели Димовски.

    Професорот во пензија Ристо Цицонков вели дека секој обид да се заштеди на струјата е корисен, па и ваков преку заштеда на струја за улично осветлување.

    – Ова е позитивен потег кој ќе даде ефект. Дали ќе бидат 2, 5 или 7 отсто заштеда не е важно, но важно е дека ќе се штеди, а од тоа ќе има некаква корист. Но, за да го реализираат ова општините треба да вложат определен износ пари за тајмери и ангажман некој да направи процена каде тие да се постават за да има подобар ефект – вели Цицонков.

    Според него, има и други опции кои општините можат да ги искористат и да заштедат електрична енергија.

    – Големи се можностите во однос на штедењето на објектите со кои управуваат општините – основните и средни училишта, градинките, јавните претпријатија и други институции. Треба да направат анализа како се греат и колку може да се вложи во подобрувањето на нивната енергетска ефикасност. Во дел од објектите треба да вградат топлински пумпи кои користат воздух и вода за загревање. Во дел од објектите каде што се користи нафта за загревање треба да се сменат старите котли и инсталации. Важно е и да има енергетско ефикасни фасади и прозорци и врати. Сето тоа ќе придонесе за одредени заштеди кои би биле од корист за општинските буџети – вели Цицонков.

    Една од можностите на општините е самите да произведуваат струја преку инсталирање фотоволтаици.

    – Оваа активност која сега е и актуелна во државата овозможува производство на електрична енергија и за сопствени потреби што многу помага во намалување на буџетот за струја. Но, иако се инсистира на ова сепак има доста пречки за реализација кои во брзо време државата треба да ги отстрани, ако сака развој на производство на овој вид енергија. Сепак, останува процесот на спроведување на проектите за енергетско-ефикасни објекти кои ќе придонесат за намалување на потрошувачката на енергијата. Во дел од општините речиси и да нема никака активност на ова поле, што не е добро – вели Цицонков.

    Проблемот на високите сметки за струја за општините веројатно ќе останат и во наредниот период, па затоа е потребно сите активности да ги завршат до почетокот на грејната сезона кога повторно ќе имаат високи сметки за струја.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img