More

    Обвинителството направи циркус од „Титаник 2“

    spot_img

    Рејтингот на судството и на обвинителството е паднат на 3%, но очигледно галопира кон една огромна нула, која ќе значи дека и самите судии и обвинители веќе не веруваат во тоа што го работат нивните колеги. Како и би верувале после последното поигрување со правдата, кое пред надлежниот суд го режираше надлежниот обвинител што го застапува предметот „Титаник 2“?

    Лупингот на јавниот обвинител Гаврил Бубевски

    Во скопскиот Кривичен суд, на завршните зборови од предметот познат во јавноста како „Титаник 2“, Обвинителството ја понижи и ја погази правдата, ги остави подзинати и бранителите и јавноста и им даде аргументи на сите оние кои сметаат дека во моментов и 3% доверба е премногу во однос на начинот на кој што се работи во судниците.

    После скоро шест години од покренувањето на обвинителниот акт, односно седум години од отварањето на истрагата од тогашното СЈО, на застапникот на обвинението му текна дека петмина од обвинетите с всушност со години се влечкаат по судови по погрешен член од Кривичниот законик!

    Во завршните зборови од повторената постапка, откако увиде дека нема ама баш никаков доказ во прилог на претходната теорија на случај, обвинителот Гаврил Бубевски одлучи да го преквалификува обвинението и на обвинетите Мендух Тачи, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Анета Стефановска и Влатко Сајковски да им стави на товар ново дело, полесно од претходното.

    Ако во изминативе седум години тие беа гонети за злоупотреба на службената положба и овластување, дури сега Бубевски оценил дека Јавното обвинителство згрешило и дека било доволно да одговараат само за повреда на избирачкото право.

    Тоа што Ибраими и останатите со месеци заглавија по притвори, како осомничени за многу потешко дело, не го засега Бубевски. Никој не се јавува да праша колкав стрес претрпеле нивните семејства додека осомничените биле во притвор и колкави се последиците од „грешките“ на Јавното обвинителство.

    Одговорност засега нема и за огромната штета што со погрешната квалификација им ја предизвикало обвинителството и на приватен и на професионален план. Цели шест години обвинетите во „Титаник 2“ беа распнувани во медиумигте за наводната злоупотреба, за одеднаш некој да пресече дека таа приказна веќе „не држи вода“, па по принципот „пу, не важи“, ЈО ќе почне со – нова.

    Иако, целосно изменетата квалификација на делото би требала да значи и давање можност на обвинетите да повикаат нови сведоци и да подготват нова одбрана, таквата можност не им беше дадена од Судот, иако тие тоа и јавно го побараа. Судијата Огнен Ставрев лупингот на јавниот обвинител го третираше како допрецизирање на обвинителниот акт, што да не е трагично би било – смешно.

    Каде заринка „Титаник 2“?

    Случајот познат како „Титаник 2“ го покрена тогашното СЈО, кое отвори истрага на 12 февруари 2016 година, а покрена обвинение на 29 јуни 2017 година. Првично беа опфатени и пет судии на Управниот суд, кои се повикаа на имунитет, а обвинението за нив отпадна.

    Првостепената пресуда беше изречена на 8 март 2019, а во декември пред три години беше донесена и второстепената пресуда, со која предметот се врати назад. Тогашното образложение на Апелација беше поразително и за основниот суд и за обвинението.

    Апелациониот суд констатираше дека првостепениот суд, при постапувањето по овој предмет, сторил бројни суштествени повреди на постапката од апсолутен карактер, поради кои одлуката е во целост незаконита и неправилна. Жалбениот совет констатирал дека утврдените факти што го чинеле законското обележје на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите во целост противречат на содржината на изведените докази, а воедно првостепениот суд неосновано се впуштил и утврдувал факти за постоење на кривична одговорност за лица кои немаат својство на обвинети во конкретната постапка.

    Инаку, на 8 март, Кривичниот суд неправосилно го осуди поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков на 3 години затвор, а лидерот на ДПА Мендух Тачи на 3 години и 2 месеца во предметот. Бедредин Ибраими доби казна затвор од 4 години и 6 месеци, а Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска добија по 3 години затвор.

    Тачи, Ибраими, Сајковски, Срцев и Стефановска беа судени за злоупотреба на службената положба и овластувањата, а Тачи дополнително и за поттикнување.

    Мијалков беше обвинет за примање награда за противзаконито влијание, бидејќи наводно благодарение на неговиот повик кон Тачи членовите на ДИК одлучиле да се прегласува на избирачкото место 1727 во Струмица на локалните избори во 2013 година, без разлика на фактот што членовите на ДИК одлучувале по приговор и без разлика дали некој се јавил или не, морале да гласаат.

    Обвинителството тогаш го игнорираше фактот дека после гласањето на членовите на ДИК, по жалба одлучувал и Управниот суд кој ја отфрлил жалбата и ја потврдил нивната одлука, па потоа по прегласувањето, сите седум члена на ДИК едногласно одлучиле да се прегласува во Струмица.

    Титаник 2 по втор пат плови накај сантата мраз

    Наместо јавниот обвинител да постапи по сериозните напатствија на Апелација, тој во овие три години, откако е повторен процесот, не понуди ниту еден нов доказ во прилог на обвинението. Напротив, ги повтори истите аргументи, ја намали, па на крај и се откажа од наводната материјална штета по буџетот која била предизвикана од одлуката на ДИК и измисли нова квалификација.

    Имено во завршните зборови, адвокатите прашаа: „Доколку Бедредин Ибраими гласал за уважување на приговорот, а умислено поттикнат од обвинетиот Мендух Тачи и тоа по претходно извршен телефонски контакт на Тачи со Мијалков, каде е соизвршителството меѓу Ибраими, Сајковски, Срцев и на Стефановска, како облик на учество во извршување на кривичното дело, посебно што во таа насока ниту се предложени, ниту се изведени докази од кои произлегла заедничка волја за извршување на кривичното дело“?

    Анализата на изведените докази во повторената постапка, кои според адвокатите се исти како и во предходната, потврдува, како и претходно, дека не се утврдило дека има било каков доказ кој потврдува постоење било каква намера кај Мијалков за некакво поттикнување на Мендух Тачи како одговорно лице на партија, ниту е утврдено и докажано постоење некаква заедничка волја и согласност за извршување на кривичното дело. Тоа значи дека во оваа повторена постапка не е постапено по насоката на повисокиот суд во насока на утврдување (со докази) постоење било каква намера кај Мијалков за некакво поттикнување на Мендух Тачи, или постоење некаква заедничка волја и согласност за извршување на кривичното дело.

    Ибраими и на роичиштето за завршните зборови нагласи дека неговиот разговор со Тачи е изваден од контекст, а тоа може да се потврди со другите два разговора кои на почетокот му биле приложени, но потоа мистериозно исчезнале од материјалите. Токму Апелација во напатствијата го укори Обвинителството дека не смее да крие докази.

    Апелациониот суд констатирал дека Обвинителството е должно да ги обелодени сите материјали што ги поседува, кои би можеле да им помогнат на обвинетите. Така констатирал Судот, зашто одбраната има еднакво право на информација за сите докази во постапката кои ги поседува Обвинителството, а се со цел да се добие целовитост и правилен контекст во која насока се водени телефонските разговори.

    Во повторената постапка, со оправдување дека наводно ги нема, обвиниотелот на Судот и на одбраната не им ги достави на увид незаконито снимените разговори (кои знае дека постојат и се кај него, затоа што на записник во истрагата му биле предочени на Бедредин Ибраими), иако се клучни за докажување на тврдењето на Ибраими дека не е извршено никакво влијание од Тачи врз него и тоа по барање на Мијалков.

    Мијалков одговара за измислено дело – поттикнување на поттикнувачот?

    Адвокатите на Мијалков директно се повикаа и на членот кој му се става на товар, а според кој Тачи би требало да биде одговорно лице дефинирано со закон за да може врз него да се изврши противправно влијание. Во одредбата во која е опишано значењето на изразите во Кривичниот закони, пишува: „Како лице кое врши работи од јавен интерес се смета лицето кое врши функции, должности или работи од јавен, односно општ интерес, како што се наставник, воспитувач, лекар, социјален работник, новинар, нотар, адвокат или друго лице, кое тие работи ги врши самостојно или во правно лице кое врши дејност од јавен, односно општ интерес определен со закон“.

    Според адвокатите, кога се знае дека преседателот на политичка партија не врши никаква функција, должност или работа од јавен односно општ интерес и дека тие работи не ги врши самостојно или во рамките на правно лице кое врши било каква дејност, јасно е дека и под услови да постои било какво барање упатено до него – да изврши или да не изврши дејствие што е спротивно на неговата должност, тоа не претставува елемент на кривичното дело кое му се става на товар на Сашо Мијалков.

    Според тоа, за одбраната исклучена е одговорноста Мијалков да биде огласен за виновен за кривичните дела кои му се ставаат на товар. Доколку тоа би било така, во КЗ на РМ, покрај поттикнувањето, посебно би било санкционирано и поттикнување на поттикнувачот.

    Огромната санта мраз веќе се гледа од палубата на еднаш хаварисаниот „Титаник 2“. Адвокатите на обвинетите изразија очекување дека Јавниот обвинител ќе има дигнитет и интегритет да го повлече обвинението и да не дозволи повторно, заедно со „Титаник 2“, да се насука и да настрада довербата во правосудните институции. Тој не ја искористи шансата, па останува судијата Огнен Ставрев да ја искористи втората шанса и да не дозволи правдата и довербата во неа повторно да заринкаат.

    Одбраната побара ослободителна пресуда, а судот е на потег в понеделник.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img