More

    Како дојде до „славната“ изјава на Нобеловецот

    spot_img

    Изјавата на Нобеловецот Пол Кругман, дека патиштата во Македонија ни се лоши и дека мора да ги поправиме, за да ја подобриме инфраструктурата и така да се случи префрлање на производството во поблиските дестинации, ја возбуди нацијата. На социјалните мрежи „врие“ од коментари за оваа изјава, а ја анализираат и медиумите.

    Пол Кругман не е кој било. Тој е еден од највлијателните економисти во светот. Познат е по редефинирањето на постоечките теории за меѓународната трговија и или основањето или коосновањето на неколку нови дисциплини во меѓународната економија. Меѓу другото, се паметат неговите брилијантни колумни за „Њујорк Тајмс“.

    Начинот на кој уважениот гостин на Скопје економски финансиски форум (СЕФФ) ни ги искритикува патиштата, оние илјада километри нови патишта со кои своевремено се фалеше Зоран Заев, за да го надмине својот извикан претходник Никола Груевски, потсети на една славна изјава на еден исто така славен Нобеловец, за инфлацијата во поранешна Југославија. На таа изјава на Милтон Фридман на собир на финансиски експерти во Дубровник, неколку години пред распадот на СФРЈ, на Фејсбук потсети Славко Лазески. Тогаш, на прашањето од гувернерот на Народната банка на СФРЈ како да се намали инфлацијата од 1.200% на годишно ниво, Фридман вака му одговорил: „Затворете ја Народната банка на еден месец и сите вработени донесете ги на одмор на ова прекрасно море. Ќе забележите две работи: инфлацијата ќе се намали и луѓето ќе живеат подобро без вас“.

    Кругман ли ни ги отвори очите?

    Големите луѓе, во принцип, зборуваат едноставно. Што се однесува до Кругман, повеќе учесници на СЕФФ велат дека не се импресионирани од неговиот настап, посветен на предизвиците за глобалната и за големите економии. Неговите ставови за инфлацијата, за опасностите од рецесија и за излезните решенија се добро познати и малку ја засегаат малата македонска економија, вели еден од учесниците на Форумот.

    Затоа јавноста беше изненадена од изјавата на Кругман за нашите патишта, која кусо и ја образложи.

    – Ако сакате фабриките од Холандија и Белгија да го пренесат производството тука, најважна е нфрастуктурата за транспорт – објасни Нобеловецот.

    Секоја чест на Кругман, вели за Плусинфо извор од Стопанската комора на Северна Македонија, но треба да се знае дека и Комората и македонските економисти и стопанственици со години „трубат“ за проблемите со инфраструктурата.

    – Она што Кругман го кажа малку потсмешливо, ете стана ударна вест. А ние со години зборуваме на таа тема, бараме развој на инфраструктура од мега димензии, развој на коридори, а не асфалтирање на улици, што е работа на локалната самоуправа. Нашите влади со години се однесуваат како да тргнале да ја сечат шумата и додека не ја исечат целата, работата не се смета за завршена, па затоа и нема смисла да се почне – вели извор од Комората.

    Тој го спомнува примерот на економските односите на нашата земја со Косово, една од ретките земји со кои имаме трговски суфицит.

    – Ние плативме висока политичка цена за да воспоставиме такви односи со Косово. И сега, кога цената веќе е платена и кога со таа земја имаме трговски суфицит, што е проблем барем да се почне, ама и да се заврши автопатот од Скопје до границата со Косово? Иако уште во времето на Никола Груевски автопатиштата престанаа да се третираат како капитални инвестиции, треба да сфатиме дека за земја во развој вложувањата во инфраструктурата мора да се сметаат имено за капитални инвестиции од врвен приоритет. И да не се жалиме веќе дека немаме достаточна реализација на капиталните инвестиции од буџетот.

    Што му кажале на Нобеловецот на свечената вечера пред патувањето за Охрид?

    Но, како дојде до таа „славна“ изјава на Кругман?

    Според извор на Плусинфо, кој бил присутен на свечената вечера подготвена во негова чест во саботата, Кругман од домаќините бил културно предупреден дека неговото патување до Охрид може да биде малку непријатно, со оглед дека патот е во изградба. После екскурзијата, Нобеловецот очигледно бил импресиониран од своето доживување.

    Автопатот Скопје – Охрид, кој се „гради“ цели десет години, сè уште е далеку од завршница. По болното искуство со Кинезите, наскоро во овој проект ќе влезе американско-турската корпорација „Бехтел и Енка“, откако Уставниот суд лани во декември одлучи да не поведе постапка за уставноста на аранжманот. Тогаш Али Ахмети изјави дека веќе нема правни пречки за реализација на најголемиот инфраструктурен проект и дека „прстенот на нацијата Тирана-Скопје-Приштина станува реалност“.

    Не се знае точно колку ќе чини „прстенот на нацијата“, но економистите предвидуваат дека ако амбицијата е тој да се „искова“ за рекордни две години, конечната сметка нема да биде под 1 милијарда евра. Ќе биде тоа дијамантски прстен, очигледно.

    – Нема економист што ќе ви каже дека изградбата на патиштата и на инфраструктурата е лоша работа. Напротив. Можеби стопанствениците во Скопје тоа и не го чувствуваат толку трагично како тие во внатрешноста, но факт е дека очајно лошата инфраструктура ги засега и бизнисите, но и обичните граѓани. Ме засега и мене лично, бидејќи и јас често патувам на релацијата Скопје – Охрид. Но, исто така ме засега и прашањето до кое ниво ќе стаса јавниот долг, ако за новата инвестиција државата позајми уште 1 милијарда евра. Да не заборавиме дека јавниот долго во моментов веќе изнесува 65% од буџетот и тоа веќе е над границата на издржливост – вели професорот Трајко Славески за Плусинфо.

    Сепак, има и поважни приоритети од патиштата

    Од изјавата на Кругман се почувствува засегнат и организаторот на СЕФФ, Министерството за финансии. Тоа денеска се огласи со соопштение во кое цели дека советите на нобеловецот Кругман се имплементираат и дека повеќе од половина милијарда евра, односно 523,6 милиони евра се наменети за инфраструктурни проекти со ребалансот на буџетот. Се инвестира во патниот дел од Коридорот 8 и 10, како и железницата, изградба на магистралните гасоводи, крупни проекти од областа на животната средина, здравството, образованието итн.

    Aко нашата земја ја споредиме со други, од аспект на некои други битни фактори за економскиот развој, на пример факторот квалитетот на работната сила, мислам дека се отвораат поприоритетни прашања. Квалитетот на образование, на пример. Или, квалитетот на здравствените услуги. Јас многу сериозно би разговарал и за развој на инфраструктура за потребите на дигитализираната економија.

    Ванчо Узуновпрофесор

    „Капиталните инвестиции се проектирани на 32,2 милијарди денари и се за 37,8% повисоки во однос на претходната година. Планирани се значајни инвестициски вложувања во патната инфраструктура како коридорите 8 и 10. Меѓу нив се делницата Тетово-Гостивар (проширување на автопат), изградба на автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делницата Гостивар-Букојчани, делницата Прилеп – Битола, делницата Ранковце – Крива Паланка и делницата Крива Паланка – граница со Бугарија, автопатска делница Кичево – Букојчани и Кичево – Охрид. Предвидена е и изградбата на автопатската делница Скопје – Блаце, патната делница Штип – Радовиш итн“.

    Професорот Ванчо Узунов е еден од оние што смета дека инфраструктурата е важно прашање за Македонија, но не и клучен приоритет во овој момент.

    – Никогаш доволно од подобра инфраструктура. Нема дилеми околу тоа. Но, ако нашата земја ја споредиме со други, од аспект на некои други битни фактори за економскиот развој, на пример факторот квалитетот на работната сила, мислам дека се отвораат поприоритетни прашања. Квалитетот на образование, на пример. Или, квалитетот на здравствените услуги. Подобро е прво да се фатиме во костец со тие проблеми, а согласно со финансиските можности на државата и секако според цената на капиталот од меѓународни извори, да се работи на изградба на нови патишта и на модернизација на постоечките. Јас многу сериозно би разговарал и за развој на инфраструктура за потребите на дигитализираната економија – вели Узунов.

    Како и да е, ако Владата планира во иднина да кани видни економисти од калибарот на Пол Кругман, би било паметно или да не ги носи на екскурзија во Охрид, или ако бисерот на македонскиот туризам е неизбежна дестинација, за патувањето да се ангажира хеликоптер. За да не ни се случи она што ни се случи сега – после едно крукче до Охрид, на гостинот Кругман да му се слоши и да ги „почести“ домаќините со онаква попатна изјава.

     

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img