More

    Задолжително носење заштитни маски во затворен простор, одржување соодветна дистанца од човек до човек, редуциран број на гости за свадби, родендени и други веселби – предлози на дел од здравствените власти во земјава

    spot_img

    Задолжително носење заштитни маски во затворен простор, одржување соодветна дистанца од човек до човек, редуциран број на гости за свадби, родендени и други веселби. Вакви се предлозите на дел од здравствените власти во земјава, особено откако во изминатите неколку денови беше забележан рапиден раст на бројот на новозаразени со ковид-19.

    Според лекарите со коишто разговараше Плусинфо, сега е моментот повторно да се воведат мерките коишто беа укинати во текот на пролетта, оти, како што објаснуваат, летото ќе ни биде тешко, а есента уште потешка и пострашна.

    Дали има место за паника и дали се крчкаат нови мерки за заштита од коронавирусот се обидовме да дознаеме од Комисијата за заразни болести, но во моментот кога го контактиравме портпаролот д-р Злате Мехмедовиќ, тој веќе беше влезен на седница на Комисијата и не беше во можност да даде изјава за медиумите.

    Маски во затворено

    Д-р Ангелчо Андоновски, педијатар и поранешен член на Комисијата за заразни болести, во разговор за Плусинфо вели дека очекувано било во овој период да се појави зголемување на бројките на новозаразени со ковид-19.

    Д-р Ангелчо Андоновски: Од септември ќе почнат да ни се појавуваат нови проблеми. Ќе имаме вирусни и бактериски заболувања поради почетокот на учебната година.

    – Во текот на летото се зголемува бројот на контактите, луѓето се дружат, одат по одмори, прават забави, слават родендени, свадби… Затоа, очекувано беше ваквото сценарио, односно очекуван беше рапидниот раст на новозаразените со коронавирусот. Сепак, тоа што досега не е забележано е дека во одреден временски период растењето на бројките е како аларм за да се побара враќање на одредени заштитни мерки како што е носењето заштитни маски во сите затворени простории. Треба да бидеме внимателни и со децата, особено затоа што овој вирус дава многу големи сличности со сите други вируси коишто можат да се појават во летниот период. Затоа, треба да се придржуваме до мерките и на тој начин ќе бидеме заштитени од коронавирусот – објаснува д-р Андоновски.

    Уште поголемо зголемување на бројките, додава д-р Андоновски, се очекува во текот на есента.

    – Од септември ќе почнат да ни се појавуваат нови проблеми. Ќе имаме вирусни и бактериски заболувања поради почетокот на учебната година. Во тој период ќе треба да обрнеме многу повеќе внимание на таа млада популација, оти и покрај тоа што коронавирусот не создава тешки проблеми кај децата, сепак, има деца со коморбидитети и кај тие деца вирусот може да развие тешки компликации – вели д-р Андоновски.

    Летото е веќе расипано

    Епидемиологот д-р Александар Стојанов во изјава за Плусинфо вели дека здравствените власти во земјава треба да почнат да размислуваат за воведување на дел од заштитните мерки против коронавирусот, а кои пролетва беа укинати поради ниските бројки на новозаразени.

    Доколку сега јас би имал можност да одлучувам, првото што би го сторил е воведување задолжително носење заштитна маска во затворен простор, особено во јавниот превоз, во трговските центри, а би вовел и ограничувања за свадби и други веселби.

    Д-р Александар СтојановЕпидемиолог

    – Две години истото го зборуваме. Летото е веќе расипано, ако мене ме прашувате. Погледнете само што се случува во Грција, таму во еден ден се регистрирани 20.000 новозаболени со ковид-19. Истото се случува и во Шпанија, во Португалија, во Италија, односно секаде каде што има многу народ на едно место. Едноставно, короната функционира онаму каде што има гужви. Сите мерки се укинати, но претпоставувам дека наскоро ќе мора да ги вратиме мерките. Како што ги укинувавме мерките, така сега ќе ги воведуваме. Проблемот е дали наесен ќе добиеме некој нов вирус, некој подвирус, некој мутиран вирус, и дали тој нов вирус ќе биде отпорен на имунитетот што веќе сме го стекнале преку прележување на болеста или преку вакцинирањето. Варијантите на омикронот не наидуваат на никаков отпор од вакцината – објаснува д-р Стојанов.

    Тој апелира до здравствените власти уште сега да воведат дел од мерките за заштита од коронавирусот, но и да почнат со набавка на вакцини против ковид-19.

    – Вакцините што ние ги примивме беа изработени според вухан-сојот и тие вакцини ни завршија голема работа. Скоро половина од нашето население се вакцинираше, иако сметам дека тој процент требаше да биде многу повисок и сега ќе бевме многу покомотни. Но, доколку сега јас би имал можност да одлучувам, првото што би го сторил е воведување задолжително носење заштитна маска во затворен простор, особено во јавниот превоз, во трговските центри, а би вовел и ограничувања за свадби и други веселби. Исто така, уште сега треба да се ставиме на список за набавка на нови вакцини и во септември да почнеме со вакцинирање и со водење кампања за вакцинирање. Овој сој омикрон бара четврта доза, а многу луѓе не сакаат да примат ни втора доза. Затоа, треба да им укажеме дека грешат и дека за нивно добро е да примат четврта доза. Вирусот си постои, а ќе биде присутен и следната година. Секако, како што ќе течат годините, така и силата на короната ќе биде сѐ помала и помала. Но, како што го имаме грипот секоја година, така ќе го имаме и ковидот – објаснува д-р Стојанов.

    Полупразни болници

    И докторот од Клиниката за токсикологија и професор на Медицинскиот факултет, Нико Беќаровски, вчера на социјалната мрежа Фејсбук објави дека бројките на новозаразени со ковид-19 ќе се зголемуваат во наредниот период.

    „Бројките на дневната ковид-статистика рапидно ќе растат како резултат на доаѓањето на омикрон-БА 4 и 5 и тоа е лошата вест. Добрата вест е што сепак болниците ќе ни останат полупразни“, напиша д-р Беќаровски на Фејсбук.

    Со ваквата забелешка се согласува и д-р Кирил Солески, кој во гостување на „Утрински брифинг“ рече дека и во нашата земја и на европско ниво се регистрира зголемен број на пациенти заболени со ковид-19, а сето тоа, како што објаснува, се должи на новите омикрон соеви кои се позаразни и умеат да го заобиколат веќе стекнатиот имунитет.

    – Тешко е да се предвиди како ќе се развива ова. Сепак, ова се пациенти со полесни состојби и немаме смртни случаи. Сѐ уште важат истите правила, што значи дека пациентот останува во изолација без оглед дали станува збор на полесна симптоматологија. Пациентите треба да се јават кај матичен лекар, а ако состојбата не е сериозна не треба ништо да се прави. Во најголем дел полесните случаи се третираат на примарно ниво и затоа Лекарското друштво и Министерството за здравство направија протокол и упатство за еднакво третирање на пациентите со ковид-19, вели д-р Кирил Солески за Утрински брифинг.

    Тој посочува дека сите показатели укажуваат оти ќе се соочиме со нов бран на ковид-19, но веројатно полесен, а ние ќе мораме да научиме да живееме со вирусот.

    Регионот се тресе

    Министерството за здравство вчера информираше дека во последните 24 часа регистирани се 168 нови случаи од 1.101 тестирани, што е висока стапка од над 15 отсто од тестираните. Од нив 28 се реинфекции, соопштија здравствените власти.

    Последните бројки што ги објавува Министерството за здравство заклучно со 10 јуни покажуваат тенденција на пораст на бројот на заболени од коронавирусот. Сите индикатори покажуваат дека сме пред нов бран. Тоа го покажуваат и бројките на земјите од регионот.

    Во Албанија, на пример, пред два дена потврдени се 550 нови случаи со ковид-19 што беше двојно повисока бројка од оние во изминатите денови и е највисока бројка во последните три месеци. Од направените 1.537 тестови вирусот е потврден кај 550 или 35,8 отсто од тестираните. Регистриран е еден починат, а на болнички третман се 19 пациенти, соопшти Министерството за здравство и социјална заштита на Албанија.

    Министерството го повторува апелот граѓаните да се вакцинираат, да се повнимателни, посебно во периодот кој следува кога се зголемуваат контактите поради движењето во летната сезона.

    Во Србија вчера се регистрирани 468 заразени со коронавирус, а едно лице починало како последица на заразата. Сегашната епидемиолошка состојба бара да се донесат барем минимум мерки, како задолжително носење маски во затворени простории, јавниот превоз и особено во здравствените установи, што сега само делумно се почитува, вели во интервју за порталот Н1, Д-р Славица Плавшиќ, специјалист по белодробни заболувања.

    Таа предупредува дека Србија веќе влезе во седмиот бран на коронавирус.

    Член на Советот на Здружението Обединети против ковид (УПК) очекува дека во следните седум дена бројот на новозаразени во Србија ќе надмине 1.000 на дневна основа.

    Во Брисел донесена е одлука ЕУ да ја продолжи употребата на сертификатот за ковид-19. Советот на ЕУ вчера даде зелено светло за продолжување на користењето на дигиталните сертификати за ковид-19 до 30 јуни 2023 година.

    Проширувањето на таа регулатива ќе обезбеди дека патниците од ЕУ, како и оние од трети земји поврзани со системот, ќе можат да продолжат да го користат својот дигитален сертификат на ЕУ за патувања во Унијата во земјите-членки каде што тие сертификати и понатаму се потребни.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img