More

    Доаѓаат повисоки каматни стапки

    spot_img

    Нов удар за џебот на граѓаните. По повисоките цени на енергенсите и храната деновиве ги очекува и поскапување на кредитите како на новите така и на веќе земените, откако Народната банка ја зголеми основната каматна стапка од 1,25 на 1,50 отсто. За оваа каматна стапка, пак , се врзани најголем дел од каматите на кредитите во земјава. Кредитите ќе поскапат и за компаниите.

    Кога ќе почнат да важат новите каматни стапки во банките ќе зависи од нивната деловна политика, но главно сите банки ќе ја следат Народната банка.

    За експертите ова е очекуван потег на централната банка кој нема драстично да ја зголеми цената на парите, но ќе се одрази кај кредитите на граѓаните кои во најголем број се со променлива каматна стапка.

    Граѓаните, како што велат, и не очекуваат нешто добро да им се случи, откако почна бранот на поскапување.

    – Струјата скапа, парното и бензините исто така, влези во продавница секој ден нова цена. Хаос! А платите никако да скокнат. Секој ден попразен џеб, нови долгови, кредити па брзи кредити да се излезе на крај со сета ситуација. И сега и нова каматна стапка на кредитите. Кругот на задолжување никако да се затвори. Спиралата расте, но не знам до кога ќе издржиме – вели скопјанeц.

    Професорот Зоран Ивановски вели дека овој очекувам потег на централната банка, нема драстично да ја зголеми цената на парите, но ќе се одрази кај кредитите на граѓаните кои во најголем број се со променлива каматна стапка.

    – Еден од основните инструменти за обезбедување ценовна стабилност во услови на висока инфлација кој го има на располагање централната банка е корекцијата на каматата на благајничките записи. И затоа очекувано беше што Народната банка го искористи овој инструмент за да покаже дека е подготвена, пред сè психолошки, да реагира и да ја пресретне инфлацијата која кај нас главно е создадена од страна на понудата. Благото зголемување на каматната стапка на благајничките записи од 0,25 отсто, нема драстично да влијае на цената на парите, но ќе влијае на поскапување на кредитите кои кај нас главно се со променлива каматна стапка врзана за основната која ја одредува Народната банка – вели Ивановски.

    Банките веќе најавија усогласување на каматните стапки со зголемувањето на основната каматна стапка.

    – Комерцијална банка, како и секогаш досега, ќе ги следи сигналите на Централната банка. Со оглед на последователните измени на Одлуката за задолжителна резерва, како и последната промена на основната каматна стапка, банката ќе ги разгледа опциите за корекција на каматните стапки. Соодветно на тоа може да се очекуваат адаптирања на каматните стапки во согласност со деловни политики на банката – изјавија за Плусинфо од банката.

    И другите банки, како што соопшти и Македонската банкарска асоцијација ќе ги следат сигналите на централната банка.

    Колку ќе бидат засегнати граѓаните од новите каматни стапки ќе зависи какви договори потпишале со банките. Кај кредитите и депозитите со фиксна каматна стапка нема да има промена на каматите, но кај кредитите со променлива камата, какви што најчесто се договорите за кредитите, тогаш повисоката каматна стапка е неизбежна.

    Од Комерцијална банка, советуваат граѓаните да ги препрочитаат договорите за кредитите и депозитите потпишани со банките.

    – Бидејќи често се поставува прашањето за кои производи ќе важат измените на каматните стапки, ги упатуваме корисниците на банкарски услуги внимателно да ги читаат договорите што ги имаат со банката, без оглед дали станува збор за кредити или за депозити, бидејќи во нив е утврдено дали станува збор за примена на фиксни или на променливи каматни стапки. Вообичаена практика е промената на каматните стапки да не се однесува на фиксните каматни стапки се до периодот на важност на одредбите за фиксна каматна стапка или договорот за кредит, а истото се однесува и за депозитите – велат од Комерцијална банка.

    Реакцијата на Народната банка дојде како одговор на растечката стапка на инфлацијата која во март се искачи на 8,8 отсто. Централната банка образложи дека мерката е превентивен одговор на растечките инфлациски очекувања, во услови на задржани оцени за отсуство на поизразени притисоци од домашната побарувачка и присутни надолни ризици за неа во следниот период.

    „Главните фактори на поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, односно цените на енергијата и на прехранбените производи, поради растечките увозни цени. На нив отпаѓа повеќе од три четвртини од растот. Сепак, имајќи предвид дека тие се влезен приход кај повеќе други производи и услуги, а застојот кај синџирите за производство ги поскапува и другите увозни производи, најновите податоци покажуваат дека растот на цените станува пошироко распространет. Ова заедно со долготрајниот ценовен притисок од првично очекуваните придонесува и за нагорни поместувања на инфлациските очекувања. Поизразени притисоци од побарувачката врз цените засега не се забележуваат, а воениот конфликт во Украина ги нагласува надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период“, појасни Народна банка.

    Зголемувањето на каматната стапка на благајничките записи, ќе значи дека банките ќе бидат повеќе стимулирани да запишуваат благајнички записи, како поисплатлив и посигурен пласман, отколку да даваат кредити.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img