More

    Градежниците тврдат дека градат според сеизмички стандарди

    spot_img

    Колку во Скопје и во земјава се гради сеизмички? Ова прашање посебно се поставува денеска на годишнината од скопскиот земјотрес од 1963 година кога во урнатините од зградите загинаа 1070 жители, беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000.

    Поучени од оваа голема несреќа, градежниците велат дека посебно внимание посветуваат на стандардите кои треба да ги исполнат при градење на конструкцијата. Архитектите велат дека многу е важен надзорот при градбата во сите фази, посебно на конструкцијата, да не се брза со роковите и да се почитуваат стандардите при вградување на секој градежен материјал. Важна е и совеста и знаењето на лицата вклучени во процесот на контрола на градбата.

    Земјава има и одредби во Законот за градење во кои на инвеститорите им се дава обврска да го градат објектот според одредени стандарди кои треба да обезбедат механичката отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на објектот. Процесот на градење се следи од проектирање до завршување на објектите, и нема употребна дозвола без соодветно стручно мислење на стручни лица од инженерската сеизмологија.

    Но, регулативата треба да се почитува во целост за да може објектите кои се проектираат и градат да се сметаат за сеизмички отпорни. Дали сето ова се почитува на терен?

    Архитектот Никола Велковски сопственик на компанијата „Инком инженеринг“ кој е член на Градежната комора која дејствува во рамките на Стопанската комора, вели дека нема градежник кој не сака да изгради безбеден објект, но смета дека дел од градежните инвеститори не ја сфаќаат добро надзорната улога во процесот на градба главно на конструкцијата, а таа е најважна за стабилноста на конструкцијата на објектот што се гради.

    – Секој објект се проектира со стручно мислење од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) и на уште еден субјект. После тоа во текот на изведување на објектот овие институти издаваат мислење од самото место. Но во законот има една фалинка, според која надзорниот одбор дава мислење пред ИЗИИС дека објектот се изведува според стандардите, бидејќи луѓе од институтите не можат дневно да бидат присутни на објектите и да гледаат како се реализира градењето. Затоа сметам дека на надзорот треба да му се пристапи многу сериозно, а не паушално, како што се прави кај некои инвеститори. Надзорниот орган мора да биде присутен на објектот во текот на целиот период на изградба на конструкцијата. Притоа треба да се почитуваат роковите и квалитетот на материјалите кои се вградуваат во конструкцијата – вели Велковски.

    Според него, поучени од минатото, инвеститорите сега повеќе внимаваат како градат и дали ги задоволуваат стандардите при градење на конструкцијата.

    – Ниту еден инвеститор не смее да ризикува со градењето на конструкцијата која е најважна за стабилноста на објектот. Но, би апелирал младите инвеститори кои немаат соодветно образование да не брзаат со градење на објектите и да ги почитуваат роковите на зреење на материјалите кои се вградуваат за да не се случат несакани пропусти кои подоцна би биле кобни за објектот. Пропишани се стандарди, на пример, за квалитетот на бетонот што се вградува. Од секој процес на вградување бетон треба да се има коцка која треба да оди на испитување. Има стандарди и за другите материјали кои треба да се почитуваат и рокови за нивно зреење пред почеток на нова фаза во градењето и тоа треба да се почитува. Тука главна улога има надзорниот орган. Мислам дека ниту еден градежен инженер не би сакал да потпише нешто што знае дека подоцна ќе влијае на квалитетот на изведената конструкција на објектот на кој врши надзор – додава Велковски.

    Тој предупредува навреме да се реагира при пропусти во градбата за да не мора подоцна објектот кој покажува фалинки да се санира или руши.

    – Знаете, санацијата подоцна е поскапа од градбата и во случај на поголем проблем при градењето на конструкцијата подобро е таа да се сруши отколку да се санира. Затоа, како што реков, е најважно да се прави вистински, а не паушален надзор на градбата. И би ги советувал инвеститорите кои не се стручни лица да не штедат на овој сегмент, бидејќи од стручноста и знаењето на надзорот зависи безбедноста на градбата. Сметам дека ниту еден инвеститор не би сакал да гради објект кој подоцна ќе мора да го санира или руши, бидејќи на сите им е целта да заработат од објекот, а не да вложуваат дополнително за санација или рушење – додава тој.

    За испитување на стабилноста и цврстината на градежната конструкција, вели Велковски, иако законски не е дадено како обврска, по желба на инвеститорот може објектот да се изложи на еден вид земјотрес и да се увери дали притоа ќе се појават одредени пукнатини во конструкцијата сѐ со цел да се обезбеди сигурност на луѓето кои ќе живеат во тој објект.

    Од Сојузот на стопански комори во која е активна и Градежната комора велат дека како деловна мрежа е насочена кон промоција на највисоки стандарди за проектирање и градење.

    – Без следење и имплементација на најновите трендови и стандарди не може да се постигне квалитет кој е клучен за одржливо и континуирано зголемување на конкурентноста на компаниите. Ние веруваме дека сите компании во нивните деловни политики како врвен приоритет го поставуваат квалитетот на градбата, кој е регулиран и загарантиран и со соодветни правни прописи кои посебен акцент ставаат на безбедноста на градбите – велат од ССК.

    Оттаму додаваат дека Потврда за безбедноста даваат институциите кои согласно законската регулатива ја вршат контролата и тие би требало одговорно да ја вршат работата.

    Според Законот за градење (член 4), секоја градба треба да е проектирана и изведена на таков начин што во текот на градежните работи и во текот на употребата нема да дојде до нарушување на механичката отпорност, стабилност и сеизмичката заштита, а особено до: уривање на целата или дел од градбата, оштетување на делови од градбата, темелната основа или опремата како резултат на големи деформации на конструкција на градбата и несразмерно големи деформации и оштетувања во однос на причината од која настанале.

    Секој инвеститор треба да има поднесено сеизмичко мислење за да може да добие дозвола за употреба на објектот. Оваа обврска ја имаат сите градежници за објекти поголеми од 300 метри квадратни. Вакво мислење не треба да се обезбедува за градби наменети за индивидуално домување со бруто развиена површина до 300 м2. Но тоа не значи, според Велковски, дека овие градби треба да се изведуваат паушално и без надзор на конструкцијата.

    За утврдување на исполнетоста на овие услови, законот предвидува секој инвеститор да обезбеди позитивно мислење за проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата, од страна на субјект кој врши научноистражувачка дејност – научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија.

    „Мислењето за изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата се обезбедува од страна на изведувачот во текот на изградбата и по изградба на целиот конструктивен систем на градбата“ се наведува во законот.

    Според законот, доколку по завршувањето со изградбата и ставањето во употреба на градбата дојде до оштетување на градбата поради неисполнетост на условите за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата, обврската за надомест на штета ќе биде на товар на субјектот кој врши научноистражувачка дејност.

    Во земјава мислење за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита даваат Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), а контрола на квалитетот на проектирање и на материјалите дава Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии „Скопје“.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img