More

    Вториот обид за договарање цена на струјата со Софија може да заврши со политичко решение

    spot_img

    По која цена земјава ќе ги добие најавените 200 мегаватчаса струја како помош од Бугарија? Првиот обид на работните групи за договарање на висината на цената пропадна бидејќи земјава бара пониска цена за 15 отсто од онаа на берзата, но Бугарија има обврска да ги почитува европските стандарди при продажба на струјата на слободен пазар. Најавено е дека ќе има нова средба и дека договор ќе се постигне до крајот на месецов. При тоа треба да се прецизираат трошоците и цената на транспортот на базната струја.

    Експерти велат дека ако прашањето се решава чисто економски и технички нема потреба од преговарање туку се оди на берза и се плаќа цената, но по првата средба е веќе јасно дека прашањето добива политичка димензија во која е тешко да се каже дали земјава без да вети нешто ќе може да добие пониска цена на струјата од берзанската.

    – Сѐ е во парите, ако ги имаш ќе добиеш струја. Такви се законитостите. Во услови на економско преговарање Бугарија би можела да попушти 5 отсто од берзанската цена. Но бидејќи прашањето се решава на ниво на политика, не може да се каже како ќе завршат овие преговори на работните групи на двете земји. Дали ќе има поевтина струја ќе зависи од многу други работи – вели професорот Ристо Цицонков.

    Бугарија, според познавачите на енергетскиот сектор, како членка на Европската Унија треба да ги почитува пазарните услови за продажба на електричната енергија, што во моментов и го прави, но прашањето може да се реши и преку билатерален договор во кој ќе има отстапки од двете страни.

    – Прашањето е завршена работа. Бугарија јасно кажа дека не може да ни даде електрична енергија по цената којашто ја бараме. Треба да се придржува до стандардите на ЕУ. Ни рекоа ќе добиеме струја помош од Бугарија. Премиерот рече дека ќе добиеме и цена. Сега Бугарија вели – треба да се плати берзанската цена и да се добие струја што е економски исправно. Одиш на берза и купуваш струја – вели професорот Константин Димитров.

    Тој додава дека прашањето има и друга опција – билатерално договарање.

    – Решението на овој начин ќе треба да има и нешто што треба да се даде, а тоа сите ќе нè боли. Значи, ништо нема бесплатно, ако платиш ќе можеш да земеш електрична енергија исто како во народната поговорка „брат за брат, сирење за пари“. Нема тука никаква милост ниту братство – вели Димитров.

    Според информациите, кои ги објавија бугарските медиуми од првата средба на работните групи, македонската страна очекувала да добие цена пониска за најмалку 15 отсто од моменталната на берзата или некаде под 400 евра за мегаватчас.

    Од Владата и од ресорното Министерство за економија нема информации за тоа што се барало и што е добиено како одговор и која цена би можела државава да ја плати за да добие електрична енергија.

    Македонскиот тим за преговори го сочинуваат директорите на ЕСМ и МЕПСО, Васко Ковачевски и Орхан Муртезани, како и Виктор Андонов, советник на премиерот Димитар Ковачевски.

    Договорот за помош со електрична енергија начелно беше постигнат на 5 септември на средбата меѓу премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Гулаб Донев во Софија. Иако без прецизирани детали, тогаш беше соопштено дека станува збор за дневни количини на струја од 4 до 5 гигавати.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img