More

    Секоја втора фирма се жали на корупција во јавните набавки

    spot_img

    Зголемена е вредноста на договорите за јавни набавки  склучени во „четири очи“ и без оглас во 2021 годинаниз. Вкупната вредност на овие договори лани изнесува 46 милиони евра, што е за 16 милиони евра повеќе од 2020 година. Дури 80 отсто од вредноста на склучените договори без објавување оглас им припаѓаат на АД Електрани, МВР и Министерството за образование и наука.

    Кај општините кои потрошиле  183 милиони евра на јавни набавки најголеми скокови во вредноста на јавните набавки во однос на претходната година се забележани кај Градот Скопје од 15 милиони евра, кај Општина Центар од 5,5 милиони евра и кај Општината Гази Баба од околу 5 милиони евра.

    Дури 62 отсто од фирмите, кои се анкетирани, признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите, 51 отсто од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки, а најголем дел од нив сметаат дека врските се најчест облик на корупција.

    Ова го констатира во најновиот извештај, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) од мониторингот на јавните набавки спроведени во периодот од јули до декември 2021 година.

    Во извештајот се наведува дека институциите не ја почитуваат законската обврска за јавно објавување на известувањата за реализираните договори, при што се наведува дека се доставени известувања само за една третина од склучените договори.

    „Институциите не се откажуваат од електронската аукција и покрај сите предупредувања дека со неа се поттикнуваат договарањето помеѓу фирмите и корупцијата. Комисиите за јавни набавки во речиси секој втор тендер отфрлале понуди на фирмите како неприфатливи, со што се отвора сомнежот дали ваквото постапување е со намера да се намали конкуренцијата и да се обесхрабрат понудувачите да учествуваат на тендерите. Управните контроли на тендерите од страна на Бирото за јавни набавки, ниту трета година од воведувањето, не успеваат да се наметнат како механизам за откривање на незаконско постапување и злоупотреби. Бирото ниту во 2021 година нема поднесено прекршочна пријава до надлежниот орган, или, пак, доставено известување до Јавното обвинителство на РСМ за одредени наоди“, се наведува во Извештајот.

    И лани според извештајот, голем број од тендерите биле поништени. Најголем број поништени тендери има Министерството за одбрана, со дури 218, и тоа 127 се целосно поништени, а во 91 тендери се работело за поништување на дел од тендер. На второ место е Министерство за внатрешни работи, со поништени 200 постапки за јавни набавки, од кои 134 се целосно поништени, а во 66 постапки се работело за поништување на дел од тендерот.

    Од Центарот алармираат дека  главна аномалија кај поништивањето на тендерите е тоа што во одредени случаи, поништените постапки не се повторуваат од страна на договорниот орган и оправдано се јавува дилема дали бараната стока, услуга или градежни работи реално биле планирани или спроведувањето на постапка била само своевидна фарса.

    „Овој сомнеж се јавува во дури три од мониторираните постапки. Станува збор за набавки за реконструкција на пречистителна станица за отпадни води со проценета вредност од 15.550.848 денари без ДДВ, потоа набавка на боја за обележување патишта, разредувач и перла со проценета вредност од 150.000.000 денари без ДДВ и набавка на униформа и обувки за потребите на припадниците на затворската полиција со проценета вредност од 23.200.000 без ДДВ. Мониторираната набавка за реконструкција на пречистителна станица за отпадни води е поништена во јули 2021 година, по што не е објавен нов оглас и сега истата набавка е наведена во планот за 2022 година и до крајот на мај не е објавен нов тендер3, се наведува во извештајот.

    Лани компаниите поднеле 1.008 жалби, што е за 2,5  отсто повеќе од претходната година. Најголем дел од жалбите се уважени, и тоа 42,6 отсто од нив. Сепак, бројот на уважените жалби се за 10,7 отсто помалку во однос на претходната година.

    Според клучните наоди од анкетата на фирмите спроведена во февруари годинава, а во која  учествувале 284 фирми од сите поголеми градови во земјата, за 50 проценти од фирмите, „најниската цена” како критериум за избор е најчест проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки. Исто така, стои во наодите, 62 отсто од фирмите признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите, 51 отсто од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки, а најголем дел од нив сметаат дека врските се најчест облик на корупција.

    Само 6 отсто од фирмите изјавиле дека секогаш или често се жалат до Државната комисија за жалби по јавни набавки во случаите кога не се задоволни од начинот на постапување на договорните органи на тендерите на коишто учествувале. Продолжува незадоволството на фирмите од комуникацијата со договорните органи кои ги спроведуваат тендерите. Само 31 отсто од фирмите ја оцениле оваа комуникација како навремена и квалитетна, покажува анкетата, според која, фирмите го оценуваат процесот на јавни набавки во земјава со просечна оценка од 2,8 (на скалата од 1 до 5), што е исто како лани.

    Од 10 најголеми договори за јавни набавки лани, дури 6 се на АД Електрани, и тоа најголемиот склучен со „Марковски компани Борче“, Битола, во вредност од околу 19 милиони евра.

     

    Според клучните наоди од Базата на јавните набавки на општините во 2021 година, Градот Скопје и 80 општини минатата година за јавни набавки потрошиле 183 милиони евра што е повеќе за 51 милион евра отколку во 2020 година.

    Најголеми скокови во вредноста на јавните набавки во однос на претходната година се забележани кај Градот Скопје од 15 милиони евра, кај Општина Центар од 5,5 милиони евра и кај Општината Гази Баба од околу 5 милиони евра. Најголеми падови, пак, во вредносен износ се забележани кај Општина Чучер Сандево за околу 630 илјади евра, Карпош 483 илјади евра и Аеродром 475 илјади евра.

    Листата од првите 10 фирми со најголема вредност на тендери кај општините во 2021 година ја предводи градежната компанија ЖИКОЛ ДООЕЛ експорт импорт од Струмица со склучени 21 договор во вкупна вредност од 22 милиони евра.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img