Петмина пратеници и бугарскиот министер за спорт во оставка Радостин Василев ја напуштија пратеничката група на партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ во парламентот. Ова го соопшти Василев на прес-конференција.
– Како министер за млади и спорт, освен што поднесов оставка, не можам повеќе да ги поддржувам постапките на лидерот на „Има таков народ „Слави Трифонов и ја губам довербата во него. Бугарија ми е поважна од задкулисните интереси на група луѓе кои најверојатно владеат со нашиот лидер – рече тој.
Додаде дека Слави Трифонов никогаш не го интересирало мислењето на гласачите, на неговите пратеници. Обвини дека ИТН е деловен проект, а не парламентарен.
– За да украде некои средства од некои фирми, Трифонов повлече министри. Република Северна Македонија е измислена причина што се користи за оваа пригода – нагласи Василев додавајќи дека не може повеќе да биде од оваа структура поради лидерот на партијата и неговиот круг на луѓе.
Претходно денеска бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска и министерот за енергетика Александар Николов поднесоа оставки. И двајцата се функционери на политичката партија Има таков народ (ИТН), која најави повлекување од владејачката коалиција во земјата.
Слави Трифонов претходно на „Фејсбук“ напиша дека знае за пратеници од неговата партија кои ќе го поддржат Петков.
– Штотуку добив информација дека пратеници од „Има таков народ“ ќе ја напуштат нашата пратеничка група и ќе ги поддржат Кирил Петков и Василев. Најверојатно се купени со пари и позиции – напиша Трифонов.
Бугарскиот претседател Румен Радев рече дека ситуацијата во земјата бара политичките сили во парламентот да не дозволат противречностите меѓу нив да се исправат пред државните интереси.