Новиот глобален епицентар на исламскиот екстремизам се наоѓа во субсахарска Африка, каде што се повеќе членови им се приклучуваат на екстремистичките групи од економски причини, а се помалку од религиозни причини, објави Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Во соопштението се наведува дека има зголемување на бројот на нови членови, 92 отсто, кои се приклучуваат на вооружени екстремистички групи од економски причини во однос на претходниот извештај од 2017 година.
Во исто време, бројот на луѓе кои се приклучуваат на екстремистички групи од религиозни причини е намален за 57 проценти.
Животите на голем број африкански жители биле погодени од пандемијата на корона вирусот, високата инфлација и климатските промени, се вели во извештајот на УНДП.
Извештајот се базира на одговорите на околу 2.200 испитаници од осум африкански земји, Буркина Фасо, Камерун, Чад, Мали, Нигер, Нигерија, Сомалија и Судан.
Повеќе од 1.000 испитаници се поранешни членови на екстремистички групи, без разлика дали се приклучиле доброволно или биле насилно регрутирани.
Низ Африка, од 2017 година се регистрирани 4.155 напади, во кои загинаа 18.417 луѓе, а најголем број е во Сомалија.
Испитаниците со кои разговараше УНДП се членови на различни екстремистички групи низ целиот континент, вклучувајќи го Харам во Нигерија, Ал Шабаб во Сомалија, која е лојална на Ал Каеда и ЈНИМ во Западна Африка, која е сојузник на Исламската држава.
Администраторот на УНДП Ахим Штајнер изјави дека „субсахарска Африка стана нов глобален епицентар на насилниот екстремизам со 48 отсто од смртните случаи од глобалниот тероризам во 2021 година“.
Оние кои ги напуштија екстремистичките групи како главни причини за заминувањето ги наведоа неисполнетите очекувања, особено недостатокот на трајни финансиски придобивки и недостигот на доверба во екстремистичките лидери.
„Истражувањето покажува дека оние кои избираат да се оттргнат од насилниот екстремизам имаат помала веројатност повторно да се приклучат и да регрутираат други“, се вели во извештајот.
УНДП препорачува овозможување подобри основни услуги, вклучително и заштита на децата, образование и квалитет на живот, за да се спречат луѓето доброволно да се приклучуваат на екстремистички групи.