Советникот на Стејт департментот Дерек Шоле утрово пристигна во Скопје од каде ја започнува својата балканска турнеја за време на која ќе ги посети и Косово и Србија.
Пред македонската Влада тој беше пречекан од премиерот Димитар Ковачевски, а двајцата на средбата разговараат за повеќе прашања, меѓу кои енергетиката, економијата и борбата против корупцијата.
Пред состанокот, претседателот на Владата му подарил дрес од фудбалската репрезентација на Македонија.
„Топло добредојде за Дерек Шоле денеска на средба во Скопје. Нашето силно стратешко партнерство со САД е од голема важност во годината која ни претстои, а која е исполнета со предизвици и кај нас, но и глобално. За овие предизвици, но и за многу други теми ќе разговараме на денешните средби“, се вели во објавата на премиерот пред најавената средба со високиот советник на Стејт Департментот.