Украина денеска ја отфрли можноста да се согласи на прекин на огнот со Русија и порача дека Киев нема да прифати никаков договор со Москва што вклучува отстапување на територија.
Признавајќи дека позицијата на Киев за војната станува сѐпобескомпромисна, советникот на украинскиот претседател Михаил Подољак во интервју за Ројтерс изјави дека отстапките би ѝ се одмаздиле на Украина, бидејќи Русија ќе возврати уште посилно по секој прекин на борбата.
– Војната нема да заврши ( и покрај какви било отстапки). Само ќе биде ставена на пауза некое време – изјави Подољак во добро чуваната претседателска канцеларија, каде што некои прозорци и ходници се заштитени со вреќи со песок.
Подољак во интервјуто кажа дека Русите по некое време ќе го зајакнат оружјето и персонал и ќе почнат нова офанзива, уште покрвава и пообемна.
Тој ги отфрли, како многу чудни, повиците на Западот за итен прекин на огнот што ќе ги вклучи руските сили кои ќе останат на територијата што ја окупираа на југот и на истокот на Украина.
Руските сили мора да ја напуштат земјата и „дури потоа ќе биде можно продолжување на мировниот процес“, рече Подољак.