Клиничките испитувања и добиените податоци од вакцините против ковид-19 глобално покажуваат дека засилувачките дози овозможуваат одлична заштита против тешка форма на омикрон, но засега не е познато дали заштитата ќе опаѓа со тек на време. Затоа Фајзер започна клиничко испитување за тестирање на нова верзија на мРНА вакцина, специјално произведена за омикрон варијантата, бидејќи првично примените две дози не даваат доволна заштита од омикрон.
Ова за МИА го изјави потпретседателката и раководител на Одделот за воспаленија и имунолошки истражувања во „Фајзер“, доктор Елена Пеева, Македонка која 30 години живее и работи во САД.
– Целта на студиите е да се увиди имунолошкиот одговор по примањето на новата Омикрон-базирана вакцина. Кај невакцинираните лица оваа вакцина ќе се тестира во три дози, а кај лицата кои претходно се вакцинирирани со две дози, оваа вакцина ќе се даде како засилувачка, трета доза. Kај оние лица кои досега примиле три дози, омикрон-базирана вакцина ќе се даде како четврта доза и ќе биде споредена со имунитетот постигнат по четири дози од сегашната вакцина. На тој начин ќе се утврди каква е реакцијата кај сите групи луѓе по примањето на новата Омикрон-базирана вакцина во однос на имунолошкиот одговор – вели Пеева.
Таа додава дека досега се имаме соочено со пет варијанти на ковид-19 (алфа, бета, гама, делта и омикрон) и дека потребни се нови методи за да се создаде широка и трајна заштита од варијантите на коронавирусот кои се познати, но и од оние кои не сме ги сретнале досега.
– Оттаму доаѓа терминот „пан-коронавирус вакцина“. Научниците од американскиот воено медицински центар „Волтер Рид“ работат на испитување на спајк феритин нано честичка (Spike ferritin nano) вакцина против ковид-19, наречена СпФН (SpFN), која би била прва конвенционална вакцина со трајна заштита против сите варијанти на коронавирусот. Неодамна е завршена првата клиничка студија со СпФН, а резултатите се очекуваат набргу – најави доктор Пеева.