Хрватската пејачка Северина е очајна по одлуката на судот со која и е одземено старателството над синот Александар, но и одлучна да се бори да го врати своето дете. Со одлука на Врховниот суд, Северина и таткото на Александар, српскиот бизнисмен Милан Поповиќ повеќе нема да го делат старателството, како што беше одлучено во 2021 година на Жупанискиот суд во Сплит. Старателството му е вратено на таткото, а оваа одлука на Врховниот суд стапува во сила веднаш, без оглед на евентуалната жалба на Северина.
„Национал“ пишува дека причина за долуката е тоа што „Жупанискиот суд во Сплит го прекршил Законот за парнична постапка“. Адвокатката на Северина нема сознанија за наведената одлука на Врховниот суд, па вели дека не може да ја коментира, пренесуваат хрватските медиуми.
„Сега врховните судии ја дадоа својата пресуда. Тие кренаа рака во името на моето дете кое никогаш не го виделе, со кое никогаш не разговарале, кое има свој живот, свои мисли и кое го трпи ова мачење од системот десет години, а јас заедно со него. Не сум во состојба сега да ги барам неправилности во одлуките на Врховниот суд, не можам веќе да барам никакви неправилности, а особено овие кои ги донеле спротивно на правната практика на Уставниот суд, како што вели мојот адвокат.
Ама ќе се борам до последна капка крв за моето дете без кое бев 20 месеци, нема да си играат со моето дете. Со кое право? Моето дете не е вреќа со компири со која ќе тргуваат“ – порача Северина.
Хрватската пејачка е очајна и во пораката вели дека нема да се помири со тоа да го гледа својот син само по неколку часа, два пати во неделата.
„Едноставно кажано, ова може да значи дека повторно ќе го видам моето дете, кое го родив, го одгледував, го образував, кое живее со мене од раѓањето, во вторник и четврток од 16 до 20 часот и секој втор викенд во сабота и недела. Нема повеќе да си играте со мене, спротивно на желбата на детето. Тоа живее и оди на училиште во Загреб, за разлика од неговиот татко. Се срамам од оваа држава што му прават такви работи на дете, што не смеам да зборувам за да не навредам некого.
Ја поминав целата голгота на хрватското судство, а ќе ја поминам и оваа на Врховниот суд, но ја поминав со моето дете. Тука јас сум небитна. Како што судиите се борат за платите со штрајк, така и јас ќе продолжам да се борам за моето дете кое се изјасни дека сака да живее со мене, за што очигледно никому не му е грижа, особено на некои корумпирани“ – порача Северина.