Услов за укинување на превентивните мерки како носење маски, дезинфекција и дистанца, според министерот за здравство Беким Сали е зголемување на процентот на имунизација на населението. Сепак, со ова темпо на имунизација, според него, ќе се најдеме во ситуација пандемијата во светот да заврши, а кај нас да продолжи уште некој месец.
– Гледаме коментари дека Данска и Велика Британија ги укинала мерките, но таму процентот на вакцинација е 86, а во Италија – 91 отсто, а кај нас е 41 процент. За жал, врз основа на што да ги укинеме ние мерките – изјави вечерва министерот Сали во гостувањето на телевизија Канал 5.
Намалената вакцинација, според Сали, се должи и на тоа што кај дел од јавноста има недоверба во квалитетот на вакцините, за што увери дека сите вакцини се чуваат на соодветно и препорачано место.
– Добиените вакцини од Италија имаат рок до крајот на јули годинава. Веќе преземаме мерки и ова е дел од таа кампања дека имаме безбедни вакцини, а на тие што им е поминат рокот ќе бидат соодветно уништени – изјави Сали.
Комисијата за заразни болести веќе иницирала внатрешна дебата за преземање конкретни мерки за вакцинација, со фокус на пациенти кои се во најризичните групи и кои се најчесто хоспитализирани. Сали, информираше дека тоа се пациенти над 50 години, со дијабет, хипертензија, невромускулна болест, за кои ќе се направи кампања да бидат повикани и да им се каже дека се таргетирани како потенцијален ризик по нивното здравје.
– Вакцини има и се безбедни. Низ државата има околу 40 вакцинални пунктови и доволно е граѓаните само да пристапат и се вакцинираат – изјави Сали.