Извозот на руски природен гас во Европа, преку цевководи од советската ера што минуваат низ Украина, беше прекинат во раните утрински часови на новата година, бидејќи истече договорот за транзит и завојуваните Москва и Киев не постигнаа договор за продолжување на протокот.Рускиот енергетски гигант Газпром во средата соопшти дека извозот на гас преку Украина во Европа е прекинат во 8 часот по московско време, бидејќи договорот за транзит истекол.
Украина во средата соопшти дека транзитот на руски природен гас низ нејзина територија е суспендиран од 7 часот наутро по локално време, наведувајќи ја „националната безбедност“.
„Го запревме транзитот на руски гас. Ова е историски настан“, изјави министерот за енергетика Герман Галушченко. Соопштението на киевското Министерство за енергетика уследи по истекот на петгодишниот договор меѓу Гаспром и украински Нафтогас.
„Русија ги губи своите пазари, ќе претрпи финансиски загуби. Европа веќе донесе одлука да се откаже од рускиот гас“, рече тој.
Затворањето на најстарата руска рута за гас за Европа стави крај на една деценија на тензични односи предизвикани од руското заземање на Крим во 2014 година. Украина престана да купува руски гас следната година.
Запирањето на протокот на гас се очекуваше поради војната, која започна во февруари 2022 година. Украина беше категорична дека нема да го продолжи договорот.
Транзитот на гас преку Украина сочинуваше приближно половина од вкупниот извоз на гас на Русија преку цевководи до Европа.
Русија сè уште извезува гас преку гасоводот Турски тек на дното на Црното Море. Турски тек има две линии – едната за турскиот пазар, а другата за снабдување на потрошувачите во Централна Европа, вклучувајќи ги Унгарија и Србија.
Фицо ја осуди одлуката на Киев
Европската унија ги удвои напорите за намалување на зависноста од руската енергија по избувнувањето на воениот конфликт во Украина во 2022 година, барајќи алтернативни извори.
Останатите купувачи на руски гас преку Украина, како Словачка и Австрија, исто така се договорија за алтернативни испораки.
Во декември Австрија одлучи да го раскине долгорочниот договор со Гаспром, Словачка му се закани на Киев со одмазда.
Словачкиот лидер Роберт Фицо, еден од ретките сојузници на Кремљ во ЕУ, ја осуди одлуката на Киев и како одговор отпатува за Москва за да се сретне со Путин. „Прифаќањето на едностраната одлука на украинскиот претседател е целосно ирационално и погрешно“, му напиша Фицо на Брисел, нагласувајќи „големо финансиско влијание во комплициран економски период“.
Словачкиот премиер се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија што очајно и треба на Украина, бидејќи нејзината сопствена енергетска инфраструктура е оштетена од речиси тригодишно систематско руско бомбардирање.
Молдавија, некогаш дел од Советскиот Сојуз, е една од најтешко погодените земји. Таа вели дека сега ќе мора да воведе мерки за намалување на потрошувачката на гас за една третина и прогласи вонредна состојба од 60 дена.
„Поради постојаното и јасно изразено одбивање на украинската страна да ги обнови овие договори, Гаспром е лишен од техничката и правната можност да испорачува гас за транзит низ територијата на Украина од 1 јануари 2025 година“, се вели во соопштението на Гаспром на апликацијата за пораки Телеграм.
„Почнувајќи од 8 часот по московско време, беше прекинат протокот на руски гас за негов транспорт низ територијата на Украина.
Загуби од милијарди евра
Украина сега се соочува со загуба од 800 милиони долари годишно како транзитни такси од Русија, додека Гаспром ќе загуби близу 5 милијарди долари од продажбата на гас.
Русија и поранешниот Советски Сојуз потрошија половина век обезбедувајќи голем дел од европскиот пазар на гас, кој на својот врв беше околу 35 отсто, но војната речиси го уништи тој бизнис за Гаспром.
Гасоводот Јамал-Европа преку Белорусија исто така беше затворен, а Северниот тек преку Балтичкото Море до Германија беше разнесен во 2022 година.
Во комбинација, различните транзитни рути испорачаа рекордни 201 милијарда кубни метри гас во Европа во 2018 година.
Русија испорача околу 15 милијарди кубни метри гас преку Украина во 2023 година, што е намалување од 65 милијарди кубни метри кога започна последниот петгодишен договор во 2020 година.