Новак Ѓоковиќ загуби од победникот на турнирот Јаник Синер во полуфиналето на Австралија опен, а гостуваше во емисијата „Тудеј“ за австралискиот Канал 9.
Тенисерот од Србија уште еднаш се потсети на своето воспитување и условите во кои ја започнал кариерата.
„Поминавме низ две војни, ембаргото од 1992 до 1996 година, кога ниту еден спортист од Србија не можеше да се натпреварува на меѓународни натпревари. Тоа беа тешки времиња, но тоа ме зацврсти. Можев лесно да тргнам по друг пат, но мислам дека мојата судбина беше да играм тенис и да постигнам големи резултати“, изјави Ѓоковиќ.
Новак истакна дека бил под силно влијание на бомбардирањето на Србија.
„Имав 12 години кога бомбардирањето траеше два и пол месеци без престан. Понекогаш се сеќавам на тоа, најмногу кога слушам огномет бидејќи ме потсетува на експлозии на бомби. Не е пријатно, веројатно е траума. Мислам дека тоа е поврзано и со тоа што не се откажувам“, изјави Ѓоковиќ и продолжи.
„Во Србија има една изрека: можете да ни го убиете телото, но не можете да ни ја убиете душата. јас верувам во тоа. Погледнете колку тенисери во историјата го постигнале тоа што јас го постигнав? Ова не го кажувам за да се пофалам, туку само сакам да се сетам и да разберам што постигнав“, заклучи тој.