Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг е признание за независната надворешна политика на Белград и дека тоа ќе биде „сериозен поттик за понатамошна соработка“.
Брнабиќ за телевизијата Хепи изјави дека посетата на кинескиот претседател на Србија ќе донесе многу добро за секој граѓанин „поединечно“, како и дека партнерството со Кина е „во заеднички интерес“.
„Сите вакви посети се градат на рамноправна основа, а интересите на Србија и нејзините граѓани секогаш се на прво место“, рече Брнабиќ.
Според неа, Кина е „единствениот најголем странски инвеститор“ во Србија.
„Кина инвестираше милијарда и 370 милиони во Србија во 2023 година, што е речиси една третина од вкупните странски инвестиции што влегоа во 2023 година“, рече Брнабиќ.
Зборувајќи за задолженоста на Србија со заеми од таа земја, Брнабиќ рече дека „Кина е еден од најголемите, ако не и најголемите кредитори во целиот свет“.
„Тие се доста достапни и исклучително ефикасни во обработката на тие кредити. Тие (заемите) се исклучително добри за Србија. Сите заеми што ги земаме се инвестициски кредити“, истакна Брнабиќ.
Таа рече и дека „нивото на задолжување е пониско од европскиот просек“, додека благодарение на кинеската компанија „Жиѓин“ Србија денес е „втор по големина европски производител на бакар“.
„Наскоро благодарение на инвестициите на ’Жиѓин’ ќе бидеме најголемата сила во производството на бакар. Нашиот извоз во Кина надмина една милијарда долари годишно. Во 2023 година извезовме милијарда и 230 милиони долари во Кина“, рече Брнабиќ.
Таа, исто така, најави дека директната воздушна линија Белград-Шангај „ќе се отвори наскоро“.
Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска и утре ќе ја посети Србија, каде што доаѓа по посетата на Франција.