Синдикатот на ЈСП не се премислува в понеделник нема да дозволи автобусите да сообраќаат на линиите иако е закажана вонредна седница на Советот на Градот на која треба да се гласа за субвенциите од 11 милиони евра на ЈСП. Покрај возачите ќе штрајкува и администрацијата, а бараат редовна и загарантирана исплата на платите.
Миќо Стојановски од синдикатот на ЈСП, вели дека е можно да биде пуштена по една линија која би ги однела децата на првиот школски час од првото полугодие, но тоа ќе биде договорено дополнително со раководниот кадар на ЈСП.
-Следејќи ги сите чинители и фактори во градот Скопје, јавен градски превоз во понеделник наутро ќе нема. Советот на Град Скопје е тој што носи одлуки и што си игра со нервите и на вработените во ЈСП и на граѓаните на Град Скопје. Ако на некој советник, градоначалник и политичар му е битно за жителите на Градот Скопје и за сите оние стотици илјади доаѓаат во градот да си заработат парче леб за своите семејства, така и ние сакаме да си однесеме парче леб за своите семејства– изјави Стојановски за Канал 5.
Седницата на советот на Град Скопје е закажана за 11 часот в понеделник.
Ова е вторпат како субвенциите за ЈСП се на гласање пред советниците. Првиот пат, субвенциите не поминаа бидејќи се бараше исплата на целиот износ од 11 милиони евра, што од советниците беше оценето како можност ЈСП откако ќе ги потроши да бара нови субвенции.