Во општина Пустец, Мала Преспа, Албанија населена 100% Македонци, како и во останатите 60 општини во Албанија, денеска граѓаните избираат нова локална власт. Во трката за градоначалничката функција во Пустец се двајца, додека за 15-те места во општинскиот совет 97 кандидати, сите Македонци, предложени од повеќе политички партии.
Довербата за прв човек на општината по вторпат ја бара актуелниот градоначалник, Пали Андон Колефски кој на локалните избори што се одржаа во јуни 2019 година освои 1.505 гласови или 66,84 отсто од вкупниот број гласачи. Тој е кандидат на владејачката Социјалистичка партија, а врз основа на меѓупартискиот договорот со единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, тој се смета за заеднички кандидат.
Негов против кандидат е Панди Јани од Партијата на слободата на поранешниот албански претседател Илир Мета, која ја предводи опозициската изборна коалиција „Заедно победуваме“.
МАЕИ на овие избори сопствена советничка листа има единствено во Пустец каде носител на листата е Таќо Гроздани, генерален секретар на Партијата. Во други општини, меѓу кои Тирана, Корча, Подградец, Кукс, врз основа на договорот, има кандидати на листите на Социјалистичката партија. На минататите избори МАЕИ освои 4 советнички места.
Во Албанија денеска се одржуваат локални избори на кои граѓаните избираат нови градоначалници и 1.063 членови на советите во 61 општина.
Со одредени проблеми околу функционирањето на апаратите за електронска идентификација, во неколку избирачки места, и вообичаената слаба излезност во првите часови, од нешто над 2 отсто до 9 часот, изборниот процес се одвива непречено во 5211 избирачки места кои беа отворени во 7 а ќе бидат затворени во 19 часот.
Право на глас имаат 3.653.988 албански граѓани, а за првпат гласаат 122.545 лица.
На изборите свои кандидати имаат 44 партии, од кои 38 се надвор од двете коалиции „Заедно победуваме“ предводена од партијата на Илир Мета и „Десна либерална алијанса“ предводена од партијата на Артур Роши.
Оваа година за градоначалник во трка се 144 кандидати, а за совети на општините 23.762 кандидати, што е до сега највисока бројка на кандидати и за градоначалници и за советници.
Од вкупно 61 општина, електронско гласање и броење има во три општини со 401 избирачко место и тоа општина Вора, Камез и Елбасан каде резултатот се очекува да биде објавен 30 минути по завршувањето на гласањето на граѓаните.
Во Елбасан има 224 избирачки места со 171.225 лица со право на глас, во Камез има 133 со 108.799 гласачи и во Вора 44 избирачки места со 30.822 гласачи.
Освен набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДХИР, која брои 324 набљудувачи и ја предводи амбасадорката Одри Гловер, истите ги набљудуваат и претставници на повеќе држави, како и дипломатски претставништва во земјата.
На последните локални избори одржани во јуни 2019 година, кои ги бојкотираше обединетата опозиција, градоначалници на 60 општини станаа кандидатите на Социјалистичката партија а само во општина Финиќ, населена главно со припадници на грчкото малцинство, победи кандидат на Партијата МЕГА.