Кинеската влада ги повика Русија и Украина да го обноват дијалогот и да се спротивстават на заканата од нуклеарно оружје, се вели во документ од 12 точки што го објави Пекинг на годишнината од почетокот на руската инвазија на Украина.
„Сите страни треба да ги поддржат Русија и Украина да го обноват директниот дијалог што е можно поскоро“ со цел „мирно решение“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Документот насловен „Позицијата на Кина за политичкото решавање на украинската криза“ беше објавен на веб-страницата на министерството на првата годишнина од започнувањето на руската инвазија на Украина.
Пекинг зазеде јасен став против секое можно прибегнување кон нуклеарно оружје.
„Нуклеарното оружје не смее да се користи и не смее да се води нуклеарна војна. Треба да се спротивстави на заканата или употребата на нуклеарно оружје“, се наведува во документот.
Кина исто така апелираше до Русија и Украина да избегнуваат напади врз цивили.
„Страните во конфликтот мора строго да го почитуваат меѓународното хуманитарно право, за да избегнат напади врз цивили или цивилни згради“, соопшти кинеското министерство.
Војната во Украина е чувствително прашање за Пекинг поради долгогодишните силни дипломатски и економски врски што ги има со Москва и заедничкиот интерес за противтежа на Вашингтон.