Синоќа во НУ Центар за култура “Григор Прличев“, започна циклусот “Недела на шпански филмови 2022“, во организација на Шпанската амбасада и Општина Охрид. Манифестацијата е резултат на културната соработка помеѓу амбасадата и локалната самоуправа. Претходно беше отворена изложбата “Пикасо можеби јас“ на македонскиот уметник Филип Фидановски, посветена на 140 годишнината од раѓањето на Пабло Пикасо. Пред присутните се обрати амбасадорот на Кралството Шпанија во Македонија, Н.Е. Хосе Луиз Лосано Гарсија.
– Најпрво би сакал да му се заблагодарам на тимот на општината за нивната вредна соработка, без која овие два културни настани немаше да бидат возможни. Ви благодариме што ја донесовте шпанската уметност и кинематографија пред публиката во Охрид.
Вечерва имам задоволство да инаугурирам два настани со вас.
Првиот настан е изложбата на македонскиот уметник Филип Фидановски посветена на големиот шпански уметник Пабло Пикасо по повод 140-годишнината од раѓањето на Пабло Пикасо. Со оваа изложба му се оддава почит на постојано опишуван како најдобар и најрепрезентативен уметник на 20 век.
Вториот настан е инаугурацијата на шпанскиот филмски циклус, за кој ќе бидат прикажани три филма. Ќе завршам со тоа што ќе ви се заблагодарувам за вашето денешно присуство и изразувам надеж дека ќе уживате во овој циклус на шпански филмови и изложбата на уметникот Филип Фидановски.
Градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека културниот настан е резултат на повеќе месечната соработка за презентација на Шпанската култура во Охрид.
– Повеќемесечните разговори и заложби за културна соработка и презентација на шпанската култура во Охрид вродија со плод и вечерва и во наредните денови, ќе имаме можност поблиску да се запознаеме со шпанската кинематографија, а преку изложбата на Филип Фиданоски ќе одбележиме 140 години од раѓањето на шпанскиот и светски великан Пабло Пикасо.
Верувам дека публиката ќе ужива во понудените филмови и уметноста на Фиданоски, што е добар вовед за празничната атмосфера пред Новогодишните и верски празници што ни престојат.
Убеден сум дека ова е почеток на една искрена, пријателска и плодна соработка со шпанската амбасада и пријателска Шпанија, која ќе можеме да ја прошириме и во други области.
Првата филмска вечер беше резервирана за филмот “Шампиони“ на режисерот Хавиер Фезер, а вечерва и утре на програмата се филмовите “Тајната во нивните очи“ од Хуан Хозе Кампанела и “Лесно е да се живее со очи затворени“ од Давид Труеба.