Светата Црквата неговиот спомен го празнува на 1-ви (н.ст.14) февруари.Светата Црквата неговиот спомен го празнува на 1-ви (н.ст.14) февруари. Името на светителот доаѓа од грчкиот збор τρυφή што значи мекост, нежност, деликатност. Св. Трифун е ранохристијански маченик кој денес е почитуван како од Православната на Исток, така и од Римокатоличката црква на Запад. Основни центри во Византија каде што започнува почитта и култот кон светиот маченик, се Константинопол и Мала Азија. Крстоносците во 1204 година го заземаат Константинопол, така што со нивното влегување градот бил ограбен и опожарен. Покрај многуте бесценети работи, крстоносците ги земаат и моштите на св. Трифун и ги пренесуваат во Рим, па на тој начин неговата слава се раширува и на Запад. Најверојатно уште во Х век за прв пат започнува традицијата, св. Трифун да се нарекува покровител на земјоделците и лозарите.
Денес, покрај современите локални култови и легенди, најстар и основен извор за животот и дејноста на св. Трифун е Константинополскиот синаксар (Synaxarium Ecclesiae Constantinopolitanae) од ХІ век.
Св. Трифун е роден во градот Лампсак (Lampsacus, Фригија)*, во времето на император Гордиjан (првата половина на ІІІ век). Се занимавал со сточарство и одгледувал гуски. Според житието од синаксарот, св. Трифун, уште додека бил мал, имал дар на чудотворство и изгонувал нечисти духови. Една од оние кои добиле исцеление, била и ќерката на императорот Гордијан, која што била опседната од нечист дух. Откако св. Трифун се помолил на Бога, тој не само што ја ослободил од нечистиот дух, туку и на сите присутни им го покажал демонот, кој се вселил во едно црно куче. Со тоа чудо мнозина поверувале во Христа.
За време на императорот Декиј (249-251), кој на престолот дошол после Филип, наследникот на Гордијан, св. Трифун бил одведен во Никеја (денес Изник, Турција), пред управникот на провинцијата Ориент – Акилинус, под обвинение дека не сака да принесе жртва на идолите. Св. Трифун решително ја исповедал верата во Христа и поради тоа бил изведен пред суд. Откако претрпел најразлични долги и сурови мачења, мачителите разбрале дека не можат ни малку да ја расколебаат неговата вера во Христос Спасителот. Уплашени од неговата решителност и стравувајќи дека тој со неговата силна и вистинска љубов кон Христа, ќе стане пример за другите, мачителите на крај решиле да го обезглават. Тоа се случило во 250 (249) година.
Иако пострадал во Никеја и локалните жители сакале таму да го погребат, св. Трифун се јавил во видение и посакал да биде погребан во своето родно место. Така телото на светителот било погребано во Лампсак. Подоцна, најверојатно некој од императорите кои потекнувале од Мала Азија, ги пренел неговите свети мошти во Константинопол и на тој начин го утврдил неговиот спомен.
Како што е одбележано во Синаксарот, неговиот спомен се празнувал на 1 (н.ст.14) февруари на местото каде што бил изграден мартириумот. Тој се наоѓал внатре во црквата “Св. Јован Богослов“ недалеку од црквата “Св. Софија“ и “Св. Ирина“ во Константинопол. По ова, започнал исто така да се празнува и денот во кој е изграден мартириумот – 19-ти октомври. Св. Трифун исто така се празнува и на 19 септември, кога Црквата го одбележува споменот на светите маченици Трофим и Доримедон, така празнувањето се случувало во близина на храмот посветен на св. Ана во Константинополското предградие Девтерон.
Треба да се спомне дека според Синаксарот, во Константинопол бил изграден храм посветен на св. Трифун, каде што пак неговиот спомен се празнувал на 1-ви декември. Според податоците на неколку средновековни источници, во Константинопол се издигнати дури седум храмови посветени на св. Трифун. Во IX и почетокот на X век, преподобниот Теофан и император Лав VІ (886-912) пишуваат похвални слова (ενκόμιον) за светителот. Интересно е тоа што во химнографската целина не се наведуваат некои особени атрибути, упатени кон светителот. Очигледно е дека во подоцнежните текстови, посветени на св. Трифун, се појавува епитетот „ανάργυρος” (безсребреник), како и асоцијацијата – закрилник на земјоделците, градините и лозјата. Најверојатно, причина за тоа претставува оној момент од неговото житие, каде што се спомнува дека со Божја помош, светителот ги исцелува болните и демоноопседнатите. Исто така не треба да се изостави фактот дека св. Трифун бил одгледувач на гуски и се занимавал со земјоделство. Во многу примероци од богослужебната литература од Х до ХІІІ век, како на пример во Евхологиите (Молитвослов) се вклучени најразлични текстови и молитви кон (“на“) св. Трифун, за благословување на земјоделското производство и лозата, како и такви за прогонување на бесови (егзорцизми).
Во многу текстови забележано е неговото големо застапништво во борбата против малите инсекти и животни, кои што ја уништуваат реколтата. За таква помош од светителот имаме интересни сведоштва и од наше време. Така на пример, во манастирот Ксенофонт на Света Гора, каде што се пази главата на св. Трифун, има свежо запазени спомени на таа тема.
Старецот Варлаам Ксенофонтски (1908-1983) разкажуваше како манастирските градини во местноста “Захара”, биле нападнати од скакулци, така што реколтата на зеленчук била речиси уништена. Монахот кој се грижел за градините му соопштил на игуменот, па решиле таму да ја однесат главата на св. Трифун и да отслужат молебен и водосвет. Тие веднаш ја однесле главата на светителот и откако завршил чинот на “водосвет“, инсектите се кренале и како облак се оддалечиле од таму, така што се спасила манастирската реколта.
На имотот на манастирот има и келија посветена на св. Трифун, а по традиција, честопати братството на некои од новопосветените монаси му го даваат неговото име.
Црковното предание, се разбира, своја трага остава и врз иконографската претстава на светителот. Вообичаено, тој е изобразен како голобрадо момче (но постојат икони каде што е насликан и со брада), со бујна густа коса, честопати занемарена, со што се нагласува неговото скромно потекло и фактот дека тој целиот свој живот го поминал во полето. Облечен е во хитон, спуштен скоро до земјата, и наметка над хитонот, слична на туника.
Според символите што ги држи во раката, постојат два основни иконографски типа. На почетокот, во постарите иконографски образи, уште пред да биде објавен за светител -патрон и покровител на лозарите, св. Трифун вообичаено е насликан како држи крст во десната рака, тип на образ карактеристичен за сликањето на маченици. Со левата рака, крајот на облеката го држи подигнат. Таквиот начин на изобразување, карактеристичен за раниот период, продолжува да се користи и понатаму, кога светителот е прогласен како закрилник на лозарите и градините. Тоа пред се зависи од определбата на иконописецот, времето и местото.
На вториот иконографски тип светителот одново во својата десна рака држи крст, додека во левата имам мал срп. Во средновековието, српот бил основна алатка за обработка на лозјата и градините.
Понекогаш можат да се сретнат и други поретки иконографски типови, каде што светителот, наместо срп, држи мала кутија со медицински инструменти (карактеристичен атрибут за лекари исцелители – бессребреници), или лозова гранка прекриена со плодови. Понекогаш гранката може да е заменета со плетен кош.