САД денеска официјално објавија дека на Украина ќе ѝ испратат нов пакет воена помош. Станува збор за оружје вредно 820 милиони долари.
Новиот пакет воена помош ќе вклучува ракети земја-воздух и противартилериски радари, кои би требало да ѝ помогнат на Украина поуспешно да се справи со руските удари со долг дострел, кои во последно време стануваат сѐ почести.
Пентагон објави и дека во Украина ќе испрати околу 150.000 парчиња артилериска муниција.
Ова е 14-ти американски пакет воена помош за Украина од август 2021 година. Севкупно, Америка за Украина обезбедила оружје и обука во вредност од 8,8 милијарди долари.
Како дел од новиот пакет воена помош, САД ќе купат два системи од типот НАСАМС од Норвешка. Станува збор за системи за противвоздушна одбрана кои се користат за заштита на воздушниот простор околу Белата куќа и зградата на Конгресот во Вашингтон.
Пентагон, исто така, најави дека ќе испрати повеќе муниција во Украина за модерните повеќецевни ракетни фрлачи HIMARS, кои првпат беа испратени минатиот месец.