Крајот на годината е означен со мрачен праг, денеска крвавата војна во Украина влезе во 300 ден.
Од првичното руско напредување на почетокот на инвазијата до фазата на повлекување, Украина оттогаш започна успешна контраофанзива, а зимата донесе затишје на бојното поле што веќе се гледа како затишје пред бура. Влезот во новата година, според сите проценки, ќе биде пеколен, при што двете страни се подготвуваат за напади и заглавени преговори, за кои добрата волја одамна престана да постои.
Три дена пред инвазијата, рускиот претседател Владимир Путин ја призна независноста на таканаречените „републики“ Доњецк и Луганск во источна Украина. Веднаш штом тој го објави почетокот на „специјалните воени операции“ во раните утрински часови на 24 февруари, одекнаа експлозии во Киев, Харков, Одеса и Донбас. Тенковите и другите воени возила влегоа во Украина преку Сенкивка, каде Украина се граничи со Белорусија и Русија. Центарот за стратешки и меѓународни студии идентификуваше три оски на рускиот напредок – од Белорусија на север, Доњецк на исток и Крим на југ.
Прва фаза: Опсада
Русија почна да го напаѓа Киев. Клучниот аеродром Гостомел во близина на главниот град беше заземен на вториот ден од инвазијата, а наскоро беше забележан конвој руски возила долга 64 километри во правец на Киев. Се сметаше дека Киев ќе падне за неколку дена, ако не и неколку часа, но руската инвазија од самиот почеток беше попречена од стратешки грешки и се соочи со жесток украински отпор.
По долга опсада на Киев, чија тактика многумина ја споредуваат со средниот век, руските сили конечно се повлекле на почетокот на април, оставајќи крвави траги во околните градови како Буча и Изјум. Глетката на трупови по улиците на Буча и откривањето на масовните гробници го згрози светот и го поттикна американскиот претседател Џо Бајден да го нарече Путин „воен злосторник“.
Меѓу главните настани во првата фаза од војната, падот на Херсон и заземањето на нуклеарната централа Запорожје на почетокот на март, пркосниот отпор на украинските морнари на Змискиот остров од кој Русија се повлече на крајот на јуни, а секако треба да се издвои потонувањето на главниот руски крстосувач „Москва“ во средината на април и успешната контраофанзива во Харков на почетокот на мај, кога Украинците ги турнаа Русите назад кон границата, но и падот на Маријупол во средината на истиот месец, по 82-дневната опсада на челичарницата „Азовстал“, каде што се засолниле стотици украински војници и цивили.
Имаше и неколку рунди мировни преговори, на крајот на февруари и во март, а потоа сѐ се сведе на повици од меѓународната заедница за нивно обновување. Сепак, двете конфликтни страни некако успеаја да постигнат договор во јули за извоз на украинско жито од пристаништата на Црното Море, со посредство на Турција и ОН.
Како една од последиците на војната, Западот успеа да се обедини околу Украина, да воведе тешки санкции кон Русија, дури и воено неутралните Шведска и Финска во мај поднесоа официјално барање за влез во НАТО.
Втора фаза од војната: украинска контраофанзива
Соочена со неуспеси на север, Москва се сврте кон исток и регионот Донбас. Офанзивата кулминираше со заземањето на Северодонецк и Лисичанск во јуни и јули, со што Русија го „заокружи“ регионот Луганск под своја контрола.
Но, тоа се промени есента, кога Украина ја започна својата контраофанзива на југ и на исток на крајот на август, поддржана од западно оружје, како што е американскиот систем ХИМАРС. Киев се фокусираше на јужниот регион Херсон, и токму кога Москва го насочи своето внимание и војниците таму, Украина започна втора, ефективна офанзива врз регионот Харков.
Руските сили се повлекоа од Изјум, нивното главно упориште во североисточна Украина, при ненадеен колапс на една од главните линии на фронтот. Украинските сили претходно влегоа во Купјанск, додека на социјалните мрежи беа споделени фотографии од војници кои креваат сино-жолто знаме.
Во август беше нападнат и Крим, полуостров анектиран во 2014 година од кој ниту Русија ниту Украина не се откажуваат. Фотографии од руски туристи кои трчаат да се заштитат го обиколија светот.
Неуспесите на Русија на бојното поле беа придружени со бројни промени во военото раководство. Во август, британското разузнавање соопшти дека Путин можеби отпуштил шест генерали, додека уште 10 биле убиени во војната. Во октомври, Москва го назначи генералот Сергеј Суровикин за свој прв генерален командант за Украина, кој подоцна ги повлече трупите од Херсон. Првиот голем украински град заземен од Русија на почетокот на инвазијата беше ослободен на почетокот на ноември.
Третата фаза од војната: Масовни руски напади врз инфраструктурата
Под притисок од успесите на украинскиот контранапад, Русија во септември прогласи „делумна мобилизација“. Така, војната влезе во третата фаза, која беше зацементирана кога Путин ја потпиша анексијата на четири украински региони – Запорожје, Херсон, Доњецк и Луганск.
Непопуларната мобилизација, обид за воспоставување окупирани територии, беше придружена со протести од самиот почеток, а во некои области, како Дагестан, со пукотници.
Во септември и средината на ноември, нуклеарната централа Запорожје во источна Украина, најголемата во Европа, беше фатена во вкрстен оган, што ги зголеми стравувањата за катастрофа полоша од Чернобил.
Москва делумно го држи Запорожје од почетокот на инвазијата, но украинскиот Генералштаб на 1 декември објави дека некои руски војници се повлекуваат од своите позиции во областа. Покрај тоа, во октомври беше објавено дека Русија повеќе нема целосна контрола врз ниту една од четирите области на Украина што ги анектираше по напредокот на Украина на југ и исток.
Експлозијата на почетокот на октомври на мостот на Крим беше ново понижување за Русија и Путин, кој лично го отвори во 2017 година.
Потоа следеа систематски руски напади врз украинската инфраструктура, кои ја втурнаа земјата во темнина. Без струја и греење во длабоко црвено, Украинците сега се соочуваат со најлошата зима во нивните животи.
За прв пат од јуни, на 10 октомври, Русија повторно го погоди Киев и десетици други градови со беспилотни летала од иранско производство. Нападите врз украинската инфраструктура оттогаш станаа речиси норма. До 23 ноември речиси половина од енергетскиот систем на Украина беше уништен, додека 50 отсто од цивилите беа без струја и греење. До средината на декември, Русија истрела повеќе од 1.000 проектили или беспилотни летала врз електричната мрежа на Украина.
Еден од најважните настани во оваа фаза од војната беше истекувањето на гас на Северниот тек во данските води регистрирано на крајот на септември. Ова ги поттикна шпекулациите за саботажа и вмешаност на Москва, која ги обвини британските маринци.
Исто така, на почетокот на септември, Путин го одржа највоинствениот и најпркосен говор од почетокот на инвазијата, заканувајќи ѝ се на Европа со прекин на сите енергетски испораки и замрзнување и тврдејќи дека Русија „ништо не изгубила и нема да изгуби ништо“ во војната, и покрај десетици илјади загинати војници.
Руската влада досега двапати ги објави своите загуби, кон крајот на март и во септември, кога министерот за одбрана Сергеј Шојгу рече дека 5.937 руски војници биле убиени од почетокот на инвазијата. Генералот Марк Мили, началникот на Здружениот генералштаб на американската армија, во ноември процени дека руските жртви броеле над 100.000 мртви и ранети.
Од украинска страна, советникот на Зеленски, Михаило Подољак, во декември изјави дека 13.000 нивни војници загинале во конфликтот.
Четврта фаза: Офанзива и контраофанзива
Многу аналитичари се согласуваат дека 10-месечната војна достигна уште една клучна фаза, при што двете страни се борат во зимски ќор-сокак. Високи украински функционери тврдат дека Путин подготвува нова голема офанзива за почетокот на следната година.
Украинската војска верува дека Русија би можела да се обиде повторно да ја спроведе верзијата на нејзините првични планови за инвазија околу годишнината на 24 февруари од почетокот на инвазијата. Врховниот командант на Украина, генерал Валериј Залужни, исто така изјави дека на почетокот на 2023 година се очекува уште еден голем напад врз Киев и дека „Русите подготвуваат нови 200.000 војници“.
„Економист“ пишува дека Русија најверојатно би можела да изврши голем напад на пролет од Донбас на исток, од југ или дури и од Белорусија на север.
Исто така, постојат знаци дека Белорусија може да се приклучи на војната. Таа почна брзо да ги распоредува своите трупи на украинската граница и ја подигна борбената готовност. Исто така, руското Министерство за одбрана најави „тактички воени вежби“ на своите околу 9.000 војници што ги испрати во Белорусија во октомври.
Минск претходно најави дека нема да влезе во војна, но не треба да заборавиме дека на крајот на февруари Белорусија им дозволи на руските сили да го нападнат северот на Украина од нејзина територија.
Но, и Киев се подготвува за нов контранапад.
Според руски извори, украинската армија трупа механизирани сили околу Гуљапоље на југот на Запорожјската област, а доколку е вистина, тоа може да биде знак за неизбежна четврта украинска контраофанзива и покрај зимата.