Законот за рестриктивни мерки утре ќе се најде на владина седница, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Утре ќе биде на Влада, јас ќе го предложам, а дали ќе помине на Собрание, баш би сакал да видам кој ќе го блокира. Имаше дебата зошто е повлечен, дали е од политички причини или не. Имаше нова влада, сепак новата влада треба да го брани законот во Собрание. И, се разбира, треба уште еднаш да се потврди, а имаше и дополнително усогласување – рече Османи во интервју во Студио 10 на ТВ 24.
Владата на седницата на 16 јануари со консензус изрази политичка волја предложените законски измени за Законот за рестриктивни мерки да ги достави до Собранието, но новиот премиер талат Џафери го повлече предлогот, поради наводни административни причини.
Измените во Законот за рестриктивни мерки се актуелизираа по проширувањето на тнр „црна листа“ на САД. МНР минатиот месец започна јавна расправа за измени на Законот за рестриктивни мерки со кои и американската „црна листа“, како и сличната листа на Обединетото Кралство ќе бидат основа за воведување на мерки од државата врз лица и фирми.
Предлог измените, како што најави тогаш министерот Бујар Османи, предвидуваат и воведување два важни инструменти, институцијата предлагач да ги побара и да ги поднесе сите материјални докази до Обвинителството, а ЈО да почне постапка, вклучувајќи и конфискација на имот и доколку заврши со обвинение, се предвидува и времено спречување на вршење на јавна функција и и забрана за учество во јавни набавки, доколку се работи за правни субјекти.
Во врска со критиките на судството и борбата против корупцијата, упатени и од холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, Османи оцени дека некогаш критиките врз судството погрешно се интерпретираат како слабост на Владата.
– Или бараме независно судство, или не бараме! Ако бараме независно судство, тогаш конфликтите таму, и проблемите внатре, не ни ги префрлувајте нам во Владата, ниту како вина, затоа што, нели, не треба да се мешаме. Имаме една разлика со холандскиот амбасадор. Јас велам, дајте да ги отвориме поглавјата 23 и 24 за владеење на право, не можеме ние сами да го реформираме судството. Тој вели, не можеме да ги отвориме поглавјата, но вие терајте европско судство. Тоа не може, да можевме, немаше да направиме толку компромиси за да го отвориме европскиот пат – рече Османи.