Црна Гора денеска ја зафати силно невреме со многу обилни врнежи од дожд. Цела Црна Гора е под влијание на циклони и силни јужни струи, врне многу пороен дожд и во повеќе области е придружен со грмежи. Поради обилните врнежи постои опасност од урбани поплави, јавуваат црногорските медиуми.
Истовремено, во планинските предели штос е над 1500 метри надморска височина врне снег, а на места снегот е пропратен дури и со грмежи, главно во централните и источните предели.
Се очекуваат многу обилни врнежи од дожд, со над 100 литри дожд на метар квадратен, со ризик од урбани поројни поплави. На повисоките планини се очекува да наврне и до половина метар многу влажен и тежок снег.
Невремето што ја зафати Црна Гора е проследено и со силен ветар кој на Јадранот создава и повеќеметарски бранови што удираат на крајбрежните области.
Многу силното јужно струење донесе и големи количини песок од Сахара, па врнежите во Црна Гора денеска се валкани и калливи.
Надлежните служби издадоа предупредување до возачите да бидат крајно внимателни во сообраќајот.
Обилни врнежи денеска ги зафатија и западните и југозападните делови на Србија каде исто така се регистрирани обилни дождови.
Вечерва се очекува постепено смирување на невремето, но нестабилното време во регионот ќе се задржи и во наредните денови.
Претходно циклонот донесе многу обилни врнежи и силни грмотевици во Италија, Хрватска и Словенија, а во Далмација имаше обилни врнежи од дожд, локални поплави, особено во поширокото подрачје на Задар.
Повеќе од половина метар снег наврна на Алпите на северот на Италија, каде е издадено предупредување за опасност од лавини.