ЦИВИЛ организира онлајн настан на тема „Нелегалното оружје и организираниот криминал: Сè е поврзано“ утре, среда, 16 февруари, со почеток во 13 часот. Со ова, продолжува серијата онлајн настани под заеднички назив „Во фокусот“. На утрешниот настан, „во фокусот“ на ЦИВИЛ ќе се најдат повеќе актуелни и исклучително важни аспекти на контролата на оружјето во земјата и во регионот. Фокусот ќе биде „изострен“ и на врската меѓу распространувањето на нелегалното оружје и организираниот криминал.
Минатата година, ЦИВИЛ го спроведе проектот „Минатото, сегашноста и иднината на контролата на оружјето во Северна Македонија“ кој донесе исклучително богата содржина со низа интервјуа од релевантни аналитичари, експерти и високи државни функционери. Проектот беше спроведен со поддршка од Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал и Резилиенс фонд.
Утрешниот настан кој се очекува да трае најмногу 60 минути е одлична можност за пошироката публика да се запознае со резултатите од овој проект.
Овој настан е продолжение од серијата онлајн настани на ЦИВИЛ. Минатата недела беше одржан извонредниот панел на тема „Руско-украинската криза и Северна Македонија“. Серијата настани е дел од активностите на ЦИВИЛ што се поддржани од програмата Цивика Мобилитас, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка.