Центарот за управување со кризи (ЦУК) објави нови фотографии од опасното место со кал од Студена Бара покрај реката Пчиња во Кумановско каде вчера беше спасен човек заглавен во калта како во жив песок. Спасувањето траеше неколку часа.
Човекот речиси колабирал и на штица за носење бил предаден до лекарите до точката каде што можела да дојде Итната медицинска помош, велат од ЦУК. Додека едни го носеле други спасувачи со секири правеле пат низ вегетацијата.
„Евидентно е дека тоа место е опасно и ЦУК, преку Секторот за операции и координација, иницира негово соодветно обележување за да не се случи и друг граѓанин да заглави и да биде во животозагрозувачка ситуација таму, на тоа опасно место со кал во која се пропаѓа, како „жив песок“, на месноста Студена Бара, во кумановскиот дел покрај реката Пчиња“.
Тие уште еднаш апелираат граѓаните итни случаи и особено животозагрозувачки ситуации да пријавуваат на бројот 112.