Температурата во Сапоро денеска надмина 25 степени Целзиусови, со што беше соборен топлотниот рекорд за овој период од годината за главниот град на северниот остров Хокаидо, соопшти Јапонската метеоролошка агенција (ЈМА).
Ова е првпат температурата во Сапоро да надмине 25 степени Целзиусови толку рано во годината, откако беа направени мерења во градот од 1877 година, изјави за АФП Шуиши Јошида, официјален претставник на локалниот оддел на Јапонската метеоролошка агенција во Хокаидо.
Просечната температура за Сапоро на 15 април е 11,5 степени. Претходниот топлотен рекорд за порано време од годината беше на 20 април 1998 година, кога температурата беше 25,1 степени.
Јапонската метеоролошка агенција смета дека 25 степени Целзиусови се летна температура во земјата, според нејзиниот сегашен систем за класификација.
„Не можеме да ја исклучиме можноста дека климатските промени одиграле улога во овој топлотен рекорд за Сапоро“, рече Јошида.
Температурните скокови во овој период од годината се се помалку ретки во светот. Шведска, на пример, го регистрира најраниот почеток на летото досега забележан на почетокот на април, со температури над 10 степени пет последователни дена во три града на југот на земјата.
На глобално ниво, температурите во март беа највисоки досега забележани на планетата, 1,58 степени Целзиусови повисоки отколку во прединдустриската ера од 19 век, според Европската опсерваторија Коперник.