Денес, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, имаше средба со новименуваниот амбасадор на Црна Гора во Северна Македнија, Зоран Миљаниќ, на која беше нагласено цврстото билатерално партнерство и сојузништво, особено во однос на европскиот пат на двете земји.
Министерот Муртезани упати благодарност за споделеното искуство на Црна Гора, особено при подготовката за скрининг процесот, што претставува одличен пример за размена на знаења и добри практики, а воедно и продлабочување на билатералната соработка – истакна Муртезани.
Муртезани и Миљаниќ констатираа дека, како држави посветени на европските и евроатлантските вредности, Северна Македонија и Црна Гора продолжуваат тесно да соработуваат на билатерално ниво, одржувајќи висок политички дијалог. Тие ги нагласија постојаните контакти на високо ниво и учеството во регионалните иницијативи, кои ја рефлектираат силната и пријателска соработка меѓу двете земји.
Соговорниците го потенцираа значењето на Планот за раст на ЕК за ЗБ и Реформската агенда, кои се клучни за напредување на процесот на европската интеграција. Договорот за соработка меѓу двете земји од 2012 година беше нагласен како важна рамка за повторно заживување на размената на експертиза за теми поврзани со ЕУ од заеднички интерес, вклучувајќи ја и Реформската агенда.