Поранешниот генерален директор на рускиот гасен гигант Новатек, Сергеј Протосења, неговата сопруга и ќерка се пронајдени мртви во изнајмена вила во Шпанија, објавија локалните медиуми на 21 април.
Милионерот (55) беше пронајден обесен, додека неговата сопруга и ќерката беа избодени до смрт во вила во градот Лорет де Мар во близина на Барселона на 19 април, соопшти полицијата, пренесува Радио Слободна Европа.
Се вели дека полицијата истражува две можни сценарија – дека Протошења ги убил сопругата и ќерката, а потоа се обесил или дека некој го убил целото семејство, а потоа инсценирал место на злосторство, објави шпански Телечино.
Протошења, поранешен главен сметководител на „Новатек“, порано бил член на управниот одбор на таа енергетска компанија. Неговото богатство се проценува на околу 400 милиони евра. Тој и неговото семејство живееле претежно во Франција.
„Новатек“ е најголемиот независен производител на природен гас во Русија, а аналитичарите велат дека неговиот феноменален пораст, од мал играч во раните 2000-ти до компанија од 79 милијарди долари денес, најмногу се должи на врските на компанијата со Кремљ. Генадиј Тимченко, клучен акционер во Новатек, важи за близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин. Нивното пријателство датира од раните 1990-ти.
Кон крајот на минатата година, висок функционер на Новатек беше уапсен во САД под обвинение за затајување данок. Марк Гетвеј, заменик-претседател на одборот на директори на Новатек, тогаш изјави дека е невин и дека ќе се бори „жестоко“ за случајот.
Американското Министерство за правда на 23 септември соопшти дека Гетвеи е уапсен под обвинение за 93 милиони долари скриени на офшор сметки и се соочува со казна затвор до 20 години доколку биде осуден.