Подготовка за продажба на ЕСМ или подобрување на организациската структура и управувањето со производните капацитети на електрична енергија се прави со спојувањето на двете државни друштва ЕСМ и ТЕЦ Неготино? Одговорот на оваа дилема веројатно ќе се добие во следниот период кога ќе стане појасно што планираше Владата со ова спојување.
Владата демантира дека се подготвува некаква продажба, а јавноста и дел од експертите се сомневаат во некакви скриени намери од овој процес.
Доколку нема некакви задни намери спојувањето на ТЕЦ Неготино со ЕСМ е нормален процес кој ќе придонесе за намалување на администрацијата во овие енергетски друштва и подобро управување со производните капацитети, но нејасните финансиски обврски и апетитите на политичките партии околу тоа кој ќе има предност да управува со целокупниот енергетски сектор во државата фрлаат друго светло врз ова спојување, велат експерти и познавачи на состојбите.
Владата преку ЕСМ, пак, тврди дека со спојувањето на АД ТЕЦ Неготино со АД ЕСМ се овозможува поефикасно и економски поисплатливо искористување на производствениот капацитет на АД ТЕЦ Неготино, порационално управување, искористување на оперативниот, производствен и управувачки персонал.
„Енергетската криза од 2021 година претставува пресуден аргумент за нужноста од интегрирањето на АД ТЕЦ Неготино во рамки на АД ЕСМ Скопје, како од аспект на диверзификација на ризик, така и од аспект на стабилност и континуитет во производството на електрична енергија на државно ниво. Исто така, треба да се има предвид дека двете компании се лиценцирани за производство на електрична енергија, па ваквиот предлог за статусна промена – присоединување на АД ТЕЦ Неготино кон АД ЕСМ – Скопје е целосно оправдан и реализиран“, соопшти денеска ЕСМ.
Професорот Константин Димитров смета дека спојувањето на ТЕЦ Неготино со ЕСМ нема да промени ништо за граѓаните бидејќи тие и натаму ќе ги финансираат овие државни друштва за да добијат поевтина струја, но вели дека крајно нејасните финансиски обврски отвораат повеќе дилеми.
– Генерално не се менува ништо бидејќи и двете друштва се во државна сопственост, односно поинаку кажано тие се левиот и десниот џеб на владата, но факт е дека не се јасни финансиските обврски кои произлегуваат од ова спојување и организациската структура. Досега, ТЕЦ Неготино како „ладна резерва“ беше под МЕПСО и финансирањето одеше преку ова друштво. Дали и во наредниот период со одлука на Влада повторно ќе одат парите преку МЕПСО или веројатно тоа ќе биде преку ЕСМ не се знае. Во вториот случај ќе се ослободат пари МЕПСО да работи поинаку, а се овозможува ЕСМ да добие во вредноста, но и во администрацијата. Дилема се поставува и во однос на тоа како организациски ќе се вклопат вработените на термоелектраната кои не работеа и земаат плата, но беа подготвени во секое време да почнат да работат, ако државата го побара тоа од нив. Со еден збор има нејаснотии за да може да се формира јасен став за ова прашање – вели Димитров.
Тој смета дека ништо не се менува и ако државата сака да ја зголеми вредноста на ЕСМ пред продажба како што се слуша во последно време.
– И без да ги спои сега Владата може да одлучи да ги продаде двете заедно или одделно. Тоа е многу лесно со пререгистрација на друштвата. Така беше направено и со ХЕЦ Тиквеш бидејќи беше предвидено да му се даде на странскиот стратешки инвеститор како залог на државата при градењето на „Чебрен“. Тиквеш беше пререгистрирана во самостојно друштво само за таа цел, а претходно беше дел од ЕСМ. Што говори дека ништо не се менува со тоа дали ЕСМ и ТЕЦ Неготино ќе бидат споени или одвоени ако се продаваат – вели Димитров.
Невладиниот активист Маријан Ненов смета дека ова спојување фактички ќе значи децентрализација при донесувањето одлуки поврзани со работењето на ТЕЦ Неготино и многу ќе биде важно ако термоелектраната се гасифицира наместо да работи на мазут. Но, вели може да се насети и дека во сето ова има многу уцени, притисок и пазарење на политичките субјекти.
– Ако досега одлуките ги носеше директорот на МЕПСО преку кого одеше финансирањето на ТЕЦ Неготино, сега цела влада ќе одлучува за тоа како ќе работи оваа термоелектрана. Тоа може да се рече е еден начин на децентрализација на управувањето што е подобро. Но, посебно значајно ќе биде ако оваа термоелектрана се направи да работи на гас, наместо мазут кој е скап енергенс. Тогаш, овој производствен капацитет треба да биде во рамките на компанијата која произведува струја, а не на преносниот систем. Сепак, може да се насети дека и за овој енергетски капацитет има натегање и политичко пазарење и уцени меѓу партиите, бидејќи се отвора и прашањето на влијанието во управувањето со гасоводот и производството на електрична енергија. Што е во игра ќе се види во наредниот период – вели Ненов.
Според него, не смее да се дозволи политичарите да одлучат да приватизираат производствено друштво за струја.
– Нема дилема дека ЕСМ во никој случај не треба да се продава. Тоа ќе биде фатална грешка како она направена со одлуката да се продаде ОКТА кога рафинерија за нафта станува само трговец со нафтени деривати. Зависноста на државата од приватни производители на струја во никој случај не смее да се дозволи – вели Ненов.
АД ЕСМ и АД ТЕЦ Неготино се споија на 13 март што беше објавено и на Македонска берза. АД ТЕЦ Неготино е избришан од регистарот на централниот регистар на 29 февруари. Во соопштението објавено на сајтот на Македонска берза се информира дека со овој процес се зголемува и основната главнина на ЕСМ.
Во јавноста се проширија информации дека со спојувањето на двете друштва владата сака да ја подобри вредноста на ЕСМ и да ја продаде. Ова, деновиве го демантира министерот за економија Крешник Бектеши кој рече дека додека е тој министер или ако неговата партија остане во власта нема да дозволи во никој случај да се продава АД ЕСМ.
– Дали ЕСМ ќе се продаде? Не знам, но во енергетската стратегија на Министерството за економија е предвидено ЕСМ да биде стожер на енергетскиот сектор. Јас можам да потврдам дека додека сум јас министер и член на влада и ако не сум министер, а во владата е ДУИ, тоа нема да се случи – рече Бектеши.
ТЕЦ Неготино е изградена во 1978 година, но поради високата цена на нејзиното производство во изминатиот период се користеше за резерва која се активира во кризни ситуации.
Последен пат претходно работела во производството на електрична енергија во 2009 година, за во 2022 година по 12 години пауза како „ладна резерва“, во услови на енергетска криза да биде вклучена за само 40 дена.
ТЕЦ Неготино има вкупен расположив капацитет за производство од 180 мегавати, што е приближно еден блок на РЕК Битола.