Претседателот на државата, Стево Пендаровски, на денешната свечена церемонија во Филхармонија ги одликуваше Милица Стојанова, Милка Ефтимова и Стојна Вангелова со Орден за заслуги на Република Северна Македонија. Тој го додели и признанието Повелба на Република Северна Македонија на Факултетот за драмски уметности, на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и на Националната установа Турски театар.
– Во глобалниот политичко-историски момент кој го живееме а кој се одликува со недоверба и масовно преиспитување на повеќето клучни цивилизациски придобивки кои за жал се разнишани како никогаш досега ништо не е поважно од афирмирање на примерите на човечката извонредност во културата, уметноста, науката, образованието и спортот – истакна претседателот Пендаровски.
Тој додаде дека одликувањата освен што се благодарност кон одликуваните за нивните постигнувања, тие ги афирмираат и моделите на доблесно човеково однесување како патокази за идните генерации.
– Одликувањата се сатисфакција за посветеноста, за вложениот труд и за ефектите од него на одликуваните. Но, тие се и нешто повеќе од тоа. Тие се аргумент дека пошироката заедница поседува референтни точки врз основа на коишто може да ги гради понатаму своите развојни политики во сите битни општествени сфери. Денешните добитнички на Орден за заслуги на Република Северна Македонија Милица Стојанова, Милка Ефтимова и Стојна Вангеловска, како и институциите добитници на Повелби на Република Северна Македонија – Факултетот за драмски уметности и Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и Националната установа Турски театар се примери за највисоки национални вредности кои опстојуваат со децении како неспорни константи во македонската држава и општество – нагласи Пендаровски.
Милица Стојанова се заблагодари за добиената наградата и посочи дека ја прима во свое име како и во име на нејзините колешки и колеги, но како што рече, и на оние кои веќе не се меѓу нас, а имаат придонесно за резултатите на нашата Република.
Милка Ефтимова се заблагодари на Министерството за култура.
За Стојна Вангеловска, оваа награда е задоволство, но и мотив за понатамошни активности.
– Чест е денес да се биде со храбри и силни жени. Тежок е патот до успехот, полн е со предизвици. Бара труд, вложување, посветеност, но пред сѐ, голема дисциплина и одговорност. Како кошаркарка во својата долгогодишна кариера освоив сѐ што може да се освои и постигнав врвни резултати. Кошарката остави белег во мојот живот, и големо благодарам до Комисијата која ми ја додели наградата. Се надевам дека и во иднина ќе продолжам со својата спортска мисија – рече Вангеловска.
Деканката на Факултетот за Драмски уметности, Мими Таневска Србиноска посочи дека Факултетот за драмски уметности има своја приказна која посветено ја гради веќе 53 години, продуцира витална енергија и силен креативен импулс кои се клучни за македонската култура и развој на македонското општество.
– Секоја нова генерација на Факултетот креира нови вредности. Задача на секој студент е да донесе нови правила, нова естетика и нова енергија, да пронајдат нова смисла. Студентите се нашето најголемо богатство, тие се наш партнер и креатив во исто време – додаде деканката.
Директорот на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, Симеон Дамевски, на денешното доделување на наградата се заблагодари за наградата и рече дека ќе сторат сѐ овој фестивал да продолжи да расте.
Директорката на Националната установа Турски театар, Несрин Таир, посочи дека е горда и се радува на ова признание, за кое како што рече, го потврдува сето она што како установа го работат со посветеност и постигнуваат резултати.
Извор: МИА