Без одлука на Собранието немаше да го потпишам Протоколот. Денеска го потпишавме и сега го презентирам документот пред вас. Ова беше многу тежок процес, порача министерот Бујар Османи на денешниот брифинг со новинарите.
Тој претпладнво го потпиша Протоколот во Софија, од кој, како што самиот вели, произлегуваат низа реципрочни обврски за двете земји.
Османи посочи дека со документот е постигнато многу, иако треба да бидеме свесни дека се работи за компромисно решение.
– Им кажувам на граѓаните дека ова е компромисно решение. Ние добивме три работи што ни се битни. Чиста формулација на македонскиот јазик, историските прашања не се дел од преговорачката рамка и веднаш свикување на меѓувладина седница со ЕУ. Бугарија го доби тоа, да втората меѓувладина седница биде организирана откако во нашиот Устав ќе биде внесено бугарското малцинство – порача тој.
Тој нотираше повеќе прашања, од зелените програми, транспорт и железница, млади и спорт, соработка во туризмот, одбраната, здравството и слично нагласувајќи дека е тоа првата точка.
Потоа тој ја презентираше втората точка во која се групирани историските прашања, односно преку поддршка и охрабрување на Мешовитата историска комисија за нотирање на историски факти од науката кон определени прашања и етапи од историјата.
– Во рок од две години треба да се преземат мерки од моментот кога Мешовитата комисија ќе донесе согласностг по определено прашања – рече тој и нагласи дека во својата суштина, протоколот има реципроцитет, кој се однесува и на историските прашања и на образовните, во смисла на учебниците.
Реузлтатите ќе се објавуваат во рок од шест месеци од страна на владите на двете земји од денот на усогласеноста меѓу комисиите.
Во 2023 и 2024 година ќе се чевствуваат заеднички договорени датуми и личности од историјата, но по одобрувањето од комисијата, нагласи Османи и рече дека досега има една препорака од тој тип.
– Мешовитата комисија е охрабрена за една година да го заврши средниот век, велам охрабрување, а не задолжување“, нагласи Османи.
Во точката која се однесува на ЕУ, двете држави се наведени. Бугарија се обврзува да ја поддржи Македонија, онака како што е предвидено со францускиот предлог, по влегување на Бугарите во Уставот.
– Тоа значи дека утре вечер се носат одлуки за двете конфренции, првата е веднаш, тука е и скринингот, а втората по внесување на дел од бугарскиот народ во Уставот, односно на истиот начин како што се сега наведени другите етнички заедници во земјава – објасни министерот.
Северна Македонија, вели Османи, се согласува после скринингот, втората конференција да се случи по промената на Уставот. Бугарија пак, нагласи, се согласува на потпишување на договорот со Фронтекс, а знаете што тоа значи, рече тој и додаде дека тоа значи потпишување на македонски јазик.
– Тоа е многу важно, затоа што е одобрено од 27-те земји членки – рече министерот.
Во однос на говорот на омраза, како што објасни, тоа се однесува на омаловажување на одредени лица или групи врз повеќе основи и караткеристики, а што води кон насилство, и тука има реципроцитет и тој додаде дека се однесува и на институции, книги, учебници, на разна продукција.
– Идејата е со државни пари двете држави да не финансираат филмови или каква било продукција, ако има говор на омраза. Владите ќе преземат ефикасни мерки во тој случај во смисла на алармирање на институции, а не на сопствени одлуки, а се однесува и за недобронамерна негативна пропаганда. Приватните субјекти само ги обесхрабруваме. Говорот на омраза е вграден во нашето законодавство и тоа е многу важно прашање во односите на двете земји – нагласи Османи и катгегорично како неоснована ја отфрли новинарската забелешка дека тоа значи цензура.
Во однос на квалификациите од типот „фашизам“, рече дека тоа е во доменот на оценките и препораките на Мешовитата комисија, а не на владите.
– Во случаи на територијални претензии и аспирации ќе се реагира, еден таков пример имаме во учебникот од седмо одделение – рече Османи.
– Протоколот е потпишан на бугарски и на македонски јазик, односно согласно формулациите согласно уставите на земјите, а тоа е така дефинирано од 1999 година кога премиер беше Љубчо Георгиевски. Но, пак, во однос на ЕУ имаме чиста формулација македонски јазик – рече Османи.
На прашањето каде е реципроцитетот во однос на малцинствата, односно Македонија ќе вгради Бугари во Уставот, а Бугарија не признава македонско малцинство, Османи рече дека бугарскиот устав не препознава етнички заедници, како и францускиот устав на пример. Притоа нагласи дека веќе Македонија презела обврска во 2017 година дека нема да презема активности кои ќе значат мешање во внатрешните работи на други земји во однос на малцинствата.
Уште во 2018 година Бугарија и до ОН испратила известување – нота, дека македонскиот јазик не го признава, рече Османи и додаде дека во однос на билатералните односи, владата од 1999 година го дефинирала како јазик согласно Уставот.
– Во вторник ќе почнат преговорите, истиот ден е отворачката изјава и скринингот, од тој ден започнуваат преговорите, нагласи Османи.
На прашањето зошто има тогаш втора владина конференција и дали тоа значи во вторник фотографирање, а многу подоцна, по измени во Уставот, преговори, Османи негира и рече дека е тоа антинаратив и додаде дека решение е најдено со кое се заштитува македонскиот државен интерес.
– Ќе најдеме политичка волја да се внесат етнички заедници во Уставот, на местото каде има итн, ќе се внесат Хрвати, Црногорци и Бугари – нагласи Османи.
Протоколот сè уште не е објавен, со уверување од министерот дека тоа ќе се случи до крајот на денот, во исто време со бугарското МНР.
бугаријабујар османидоговормакедонијамнрпротколскопје