Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја повика Европската унија да создаде безбедносно тело како НАТО, но без Соединетите Американски Држави.
-„Европското НАТО би било решение. Веќе го предложив во 2012 година“, изјави Орбан во интервју за швајцарскиот неделник Die Weltwoche, додавајќи дека европските земји треба да бидат подготвени да се бранат. „САД и ЕУ плаќаат различни цени за војната, а Американците, а не Европејците, го имаат последниот збор во сè“, додаде тој.
Во истото интервју Орбан заклучува дека Москва би можела да има потешкотии во следните две или три години. Сепак, додаде тој, „ситуацијата повторно ќе се промени на подобро бидејќи Русите знаат да учат и да се приспособат на тешкотиите и не треба да се потценуваат“. Руските медиуми со ентузијазам ги пренесоа овие изјави на Орбан.
Еден од ретките сојузници на Путин во Европа
Орбан, еден од ретките сојузници на Путин во Европа, во неодамнешното јавно обраќање рече дека Европа тоне во војна.
„Сите гледате дека сакаат да не вовлечат во војна и сакаат да им се придружиме на провоените земји“, рече тој. Тој повтори дека неговата земја мора да трпи провокации секој ден. „Ве молам да не наседнете на провокации и треба да се држиме до интересите на Унгарија на политичката сцена“, додаде тој.
Орбан рече дека неговата влада „гледа со голема загриженост“ како Европа постепено „тоне во војна“, истакнувајќи дека неколку земји испраќаат тенкови и размислуваат да испратат борбени авиони во Украина.
Тој рече дека имало дури и такви кои сакале да испратат војска во Украина. Тој посочи дека на изборите одржани во април минатата година, што го потврди и владината јавна анкета, Унгарците одлучиле Унгарија да „остане настрана од војната“ и да не доставува оружје.
Тој го нарече важен кинескиот мировен план и додаде дека Унгарија го поддржува. Тој нагласи дека земјите како Унгарија, кои треба да увезуваат најголем дел од својата енергија, се особено „измачени од инфлацијата“.