Спасувачите во градот Днипро на југоистокот на Украина извлекле бројни повредени од урнатините на станбена зграда по рускиот напад, соопштија украинските власти, а пренесува агенцијата Дпа. Спасувачите се уште трагаат по преживеани.
„Русија повторно покажа дека е терористичка држава. За жал, има луѓе под урнатините“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата навечер во Киев.
Шефот на државата објави видео на кое се гледа како двокатницата била целосно уништена. Зеленски изјави дека проектилот го погодил просторот меѓу две двокатни згради. Непосредно пред тоа во регионот беше прогласена тревога од воздух. „Русите ќе сносат одговорност за се што им направија на нашата земја и народ“, додаде Зеленски.
Претходно во саботата, Зеленски рече дека верува оти земјата е подготвена за долгоочекуваната контраофанзива за ослободување на територијата од руската окупација. „Според мене, од денеска сме подготвени на тој чекор“, рече тој во интервју за „Волстрит журнал“, кое американскиот весник го објави и како видео на својата веб-страница.
Зеленски исто така рече дека би било добро Украина да има дополнително оружје за офанзивата против руската инвазија, но дека не може да чека со месеци за нејзина испорака. „Цврсто веруваме дека ќе успееме“, рече тој, додавајќи „не знам колку време ќе потрае“ и додаде дека цената на успехот ќе биде висока.
Москва негира дека нејзините воени сили гаѓаат цивили.
Напади и околу Киев
Системите за противвоздушна одбрана беа ангажирани во раните утрински часови во неделата за да ги одбијат воздушните напади во близина на Киев, објави воената администрација на украинската престолнина на каналот за пораки Телеграм. Очевидци на Ројтерс објавија дека слушнале неколку експлозии во регионот на Киев кои звучеле како системи за противвоздушна одбрана да погодуваат цели.
Цела Украина беше на тревога за воздушен напад.