Лозари и денеска протестираат во Неготино, со барање повисоки цени за грозјето и подобри услови за лозаропроизводство. Незадоволните производители на грозје велат дека е ова e предупредувачки протест и очекуваат да им бидат понудени подобри услови за откуп на годинашниов род.
– Протестот трае од 10 до 15 часот денеска и утре. На ваков начин го изразуваме својот револт од незадоволителните цени кои пред претстојниот гроздобер ги нудат најголемиот дел од винарските визби. Очекуваме нашиот глас да го слушнат откупувачите на грозје и надлежните во државата кои се посредници помеѓу лозарите и винариите. Се надеваме дека ќе наидеме на разбирање и дека првично објавените цени ќе се корегираат – рекоа организаторите на протестот.
Тие појаснуваат дека најголем дел од винариите повторно манипулирале и со тоа што нуделе помалку пари за килограм грозје, доколку исплатата ја извршат веднаш по откупот.
Стефан Стојчев од кавадаречкото село Сопот е млад лозар кој стопанисува со 30 хектари лозје и верува дека со протестот ќе го привлечат вниманието на јавноста за проблемите на лозаропроизводителите.
– Со години наназад се соочуваме со винарска мафија. Најголем дел од винарските визби манипулираат кога се во прашање откупот, цените, шеќерноста, мерењето на килограмите, плаќањето. Редно е да се стави крај на сите овие лозарски маки и конечно лозарите и винарите со посредство на надлежните служби да работат во интерес на двете страни и промоција на македонското грозје и вино – дециден е Стојчев.