Функционерите за две недели ќе ги примат зголемените плати, по одлуката на Уставниот суд, за кои пресметките велат дека ќе бидат повисоки и од 1.000 евра, но иако беше најавено дека ќе се направи нешто ова зголемување на плати да не биде шокантно, сепак освен изјави дека во услови на криза не треба да има таков скок на платите на функционерите, не е преземено ништо.
Премиерот Димитар Ковачевски и вчера на прашање на новинарите рече дека решение на проблемот ќе биде донесувањето на Законот за плати во јавниот сектор кој е во подготовка, но синдикатите велат дека подготовката на овој закон е во ќорсокак и тој е ставен ад акта.
Премиерот рече дека очекува дека законот ќе се стави конзистентност и ред во исплатата на платите во државата.
– Врз основа на сите инпути од институциите законот ќе биде ставен на јавна расправа, и на ЕНЕР, а мислам дека веќе е подготвена и првична верзија и потоа ќе влезе во собраниска процедура каде што ќе треба да се изјаснат сите политички партии. Во однос на другите плати веќе се разговара на Економско-социјалниот совет за општиот колективен договор со којшто исто така ќе се стави ред и конзистентност во исплатата на платите на работниците бидејќи сега имаме различни колективни договори со кои на работници со исто ниво на одговорности во различни области им овозможуваат различно ниво на плати. Или кај функционерите имате пратеник со плата од 60.000 денари, а има и секретар или секретарка во одредено регулаторно тело со 90.000 денари плата. Сметам дека е тоа неконзистентно – рече Ковачевски.
Тој не кажа кога ќе биде донесен тој закон и што ќе се случува со платите на функционерите до тогаш.
И додека функционерите ја очекуваат зголемената плата, работниците од јавниот сектор не го добија усогласувањето со минималната плата за годинава. За зголемување на платите во јавниот сектор, велат синдикатите, наидуваат на ѕид од владата.
– Законот за плати во јавната администрација, моментално е ставен во фиока и за него не се дискутира и не се помислува на некаква јавна расправа. Кога ќе се донесе не се знае бидејќи е дел од една операција на владата со која се сака да се изманипулираат работниците од јавниот сектор и оваа година, ниту да добијат усогласени со минималната плата, ниту пак да добијат некакво покачување. Сега се актуелни колективните договори, но по некое време и тие ќе се стават ад акта и ќе се разговара за измени на законот за работни односи, па за новиот закон за работни односи и повторно за законот за плати. Така во круг за да не се заврши ниту еден од нив и работниците да ги добијат платите и правата – вели претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Благоја Ралповски.
Според него, оваа маневарска операција на владата е да не им се покачат платите на работниците и што подолго функционерите да ги земаат сега зголемените плати.
– Од ветеното ланско зголемување на платите за здравството ништо не е добиено, нема усогласување на платите во образованието со минималната плата, а полицијата доби само зголемување од 5 отсто. Кај дел од јавната администрација има линеарно усогласување на платите со минималната од 2.000 денари, но тоа се само 12.000 работници. Другите ќе чекаат закони, колективни договори и пак закони со кои им се намалуваат правата со работна недела од 60 часови – вели Ралповски.
Ралповски вели дека синдикатите од јавниот сектор не прифаќаат основица на плата да им биде минималната плата, туку коефициент на сложеност, бидејќи со минималната плата се добива само линеарно зголемување на платите и урамниловка, а со коефициентите платите ќе растат пропорционално.
Тој додава дека кршењето на работничките права и платите се повод за протестот организиран за 1 Мај пред влада со слоган: „На скара пред влада – за работниците ќебап, а за владата бифтек“.