More

    Деца од 12 до 16 години се опуштаат со „снус“

    spot_img

    Родителите и наставниците се сѐ позагрижени бидејќи младите во основните и во средните училишта во земјава сѐ почесто консумираат „снус“. За оваа нова никотинска играчка кај децата, наставниците и професорите предупредуваат и на родителските средби со цел да се спречи нејзината употреба.

    Што е „снус“? „Снус“ е скандинавски производ кој содржи влажни ќесиња со прав од тутун. Ќесето со правот се става меѓу горната усна и непцето, па ослободува никотин. Има разни вкусови како вкус на ментол и „зимзелен“ вкус. Не согорува, па не е опасен за белите дробови како чадот од цигарите. Но, „снус“ содржи никотин, супстанција која создава зависност, па во прекумерни дози може да предизвика никотинско труење или инфаркт. На опаковката на „снус“ има предупредување дека производот е штетен по здравјето и дека создава зависност.

    „Снус“ е популарен меѓу малолетниците во светот и во Македонија бидејќи не се пуши, но има силен ефект поради присутниот никотин. Малолетниците го консумираат со изговор дека им треба нешто за смирување и опуштање од стресот од учењето и од сѐ што им носи животот. Никотинот е популарен поради никотинскиот „хај“. Создава зависност, па откажувањето може да ги предизвика истите несакани ефекти како и откажувањето од пушење, пример, главоболки, лошење и психолошки проблеми. Според истражувањата, корисниците на „снус“ имаат поголема шанса за срцев удар, а и за рак на панкреасот, на образите и на непцата.

    За ефектите на „снусот“ врз младите зборувавме со професор д-р Андон Чибишев, интернист-токсиколог и експерт за оваа тема. Чибишев изрази сомнеж во законската основа на продавањето „снус“ на малолетните лица. Според Чибишев, иако е легален производ, дискутабилно е дали може да им се продава на малолетни лица бидејќи содржи никотин. Тој тврди дека во оваа држава, сѐ се прави за пари, па воопшто не е зачуден што „снус“ им се продава и на малите деца.

    – Неофицијално, имаме информации дека деца од 12 до 16-годишна возраст најчесто го консумираат „снус“. Тој е замена за цигари ако се откажувате, но децата консументи може да станат зависници, па да посегнат и по цигари бидејќи „снус“ е скап производ – вели Чибишев.

    Тој е загрижен за ефектите на никотинот врз психофизичкиот развој на децата.

    – Никотинот е отров. Децата кои го консумираат може да имаат зголемен притисок, мачнини, болки, главоболки, вртоглавици, проблеми со меморијата, проблеми во расудувањето и забавен физички и ментален раст. Зборував со деца кои консумираат „снус“. Ќесичката се внесува меѓу горната усна и непцето, а голем проблем е тоа што тој локално предизвикува печење поради зголемената циркулација. Некои деца го голтаат, а тоа дополнително предизвикува мачнини – продолжи Чибишев.

    Најмногу беше загрижен за инертноста на институциите и непреземањето чекори за заштита на децата.

    – Загрижен сум што не се презема ништо само поради профит. Цигарата содржи 1 мг никотин, а едно ќесе „снус“ содржи 6-13 мг никотин, што значи дека со едно ќесе, внесувате никотин како со 6 до 13 испушени цигари – вели Чибишев.

    Сепак, тој вели дека сѐ уште немале токсиколошки случај на отруено дете. Д-р Чибишев додава дека најчесто ефектите од никотинот во „снус“ се благи и тешко е некој да внесе количина која би предизвикала сериозно труење. Но тоа не ја намалува опасноста од долготрајните ефекти на консумирањето производ со голема количина никотин.

    Останува прашањето како е можно законски да им се продаваат штетни производи на деца, а ако постои законска регулација, како и зошто продавниците им ги продаваат?

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img