More

    Ова се трите сценарија за војна на Европа со Русија

    spot_img

    Дали Европа може да се одбрани од руски напад? Ова прашање до сега беше фикција, но по руската инвазија на Украина и зголемувањето на поддршката на Доналд Трамп на анкетите, европските политичари одеднаш се соочуваат со ова сценарио.

    Поранешниот американски претседател, а можеби и иден, наводно им рекол на претставниците на Европската унија дека нема да му помогне на континентот доколку биде нападнат. Поради децениското недоволно инвестирање во војската, на Европа ќе и требаат огромни суми пари и пет до 10 години за да ја обнови својата индустриска база, изјавија неколку сегашни и поранешни воени претставници.

    Тоа е време кое Европа можеби нема да го добие. „Политико“ анализираше какви опции има Европа, планови за нивно зајакнување и импликациите од потенцијалниот крај на европскиот Пакс Американа.

    Првото сценарио – Путин напаѓа во 2027 година

    Годината е 2027. Трамп е во третата година од вториот мандат. Украина сѐуште се бори, но помошта од Запад е пресушена, а линиите на фронтот се замрзнати со месеци. На другата страна на светот се интензивира пресметката за Тајван меѓу Пекинг и Вашингтон. Во тој момент рускиот претседател Владимир Путин решава да нападне.

    Ракетите ја погодуваат естонската воздухопловна база Амари. Стотици илјади руски војници во ленинградската воена област – зацврснати од годините на војна во Украина и опремени со невидливи ловци Сухој Су-57, тенкови Т-14 Армата, беспилотни летала, ракети и мобилни артилериски системи способни да испукаат илјадници гранати дневно благодарение на повеќегодишниот развој и инвестиции – ја напаѓаат источна Естонија.

    Првите единици што ќе бидат погодени се силите на НАТО за Засилено напредно присуство (ЕФП) од 2.200 мултинационални војници, предводени од Обединетото Кралство и засилени со околу 10.000 естонски војници и уште илјадници локални доброволци. Тие се повлекуваат под ударот, но го прават тоа што треба да го направат. Меѓународните трупи се распоредени таму помалку како борбена сила, а повеќе како напредна безбедност, за да ги стават животите на странците на линија и да покажат одлучност.

    -Тоа е повеќе симболично отколку воено, но е важно.Тоа покажува солидарност, дека сме подготвени да умреме за Естонија. Пораката до Русите: Ако сакате да ја нападнете Естонија, ќе мора да ги убиете Британците и Канаѓаните – рече Мишел Гоја, поранешен француски армиски полковник и воен историчар, за сегашното присуство на НАТО на Балтикот.

    Трамп може да го поткопа НАТО со еден твит

    Меѓутоа, во ова сценарио, европскиот бел витез нема намера да дојава на помош. Трамп ги пренасочи повеќето американски војници и воена опрема стационирани на континентот кон Индо-Пацификот, и како и да е тој веќе му сигнализирал на Путин дека нема да биде многу вознемирен од актот на агресија на Балтикот.

    – Трамп потенцијално може да го поткопа одвраќањето на НАТО со еден твит – смета Бенџамин Талис, виш соработник во германската тинк-тенк ДГАП.

    За неколку дена, Русија воспоставува контролира врз нисточна Естонија, дом на поголемиот дел од етничкото руско малцинство во земјата. Кремљ објавува дека регионот се вратил во својата татковина и го шири својот нуклеарен чадор над новоосвоените територии.

    – Ако Русите почувствуваат дека можат да се извлечат со тоа, тие би окупирале делови од источна Естонија – вели Даниел Фрид, поранешен американски амбасадор во Полска.

    Дрскиот напад на Русија ја остава Европа со дилема. Путин не го напаѓа целиот сојуз – треба ли да се ризикува нуклеарна одмазда поради делови од источна Естонија? Или да не се прави ништо, препуштајќи му на Путин не само лесна победа, туку и претворајќи ги безбедносните гаранции на НАТО од член 5 во безвредна хартија – и да му се подари на рускиот претседател токму она што го сака.

    -Путин и Русија сфаќаат дека не можат воено да го поразат НАТО, тие можат да го поразат НАТО само политички со тоа што ќе го направат членот 5 излишен – вели Ед Арнолд, европски истражувач за безбедност во Кралскиот институт за Обединети услуги (RUSI), британски тинк-тенк.
    Путин инсистира на тоа дека таа идеја е смешна:

    -Русија нема причина, нема интерес – геополитички интерес, ниту економски, политички ниту воен – да се бори со земјите од НАТО – рече тој во декември.

    Но сепак, тој го кажа истото и за Украина. Во секој случај, алармот е сѐ погласен.

    Германско сценарио – Путин напаѓа до 2025 година

    Германската армија состави „сценарио на вежби“ за своите планери. Се предвидува руски напад на преминот Сувалки меѓу Полска и Литванија во периодот меѓу годинешните претседателски избори во САД и почетокот на 2025 година. Таков напад би го отсекол Балтикот од остатокот на Европа.

    – Мора да земеме предвид дека Владимир Путин еден ден може да нападне дури и земја на НАТО. Нашите експерти веруваат дека тоа ќе биде можно во период од пет до осум години – рече германскиот министер за одбрана Борис Писториус на почетокот на јануари.

    Антонио Мисироли, поранешен помошник генерален секретар на НАТО, рече дека ситуација „во која американските гаранции не се повлечени, туку омекнати или понеизвесни“, може да го доведе Кремљ во искушение да тргне кон ранлива земја, како што е Естонија, со хибридни методи или со директна воен напад.

    Растечкиот ризик доведе до повици Европа да се подготви пред да биде предоцна.

    – Сега постои можност што може да трае една, две, можеби три години, во текот на која треба да инвестираме уште повеќе во сигурна одбрана – предупреди врховниот командант на норвешката армија, генерал Еирик Кристоферсен минатата недела.

    Во декември, Јацек Сиевиера, шеф на полската канцеларија за национална безбедност, рече дека источното крило на НАТО има само три години да се подготви за конфликт.

    – Ова е време кога мора да се воспостави способност што ќе биде јасно средство за одвраќање од агресија – посочи Сиевиера.

    Во ваква ситуација сите се согласуваат за едно – Европа во моментов е ранлива.

    – Европа не само што не е подготвена за војна, туку не се подготвува за војна – предупреди Талис од германскиот тинк-тенк ДГАП.

    Без САД, Европската унија нема ниту воена опрема ниту човечка сила за да се соочи со Москва во конфликт со висок интензитет.

    – Европејците немаат капацитет да се одбранат. Одбраната на Балтикот ќе бара сериозни американски воени средства –  вели поранешниот американски амбасадор Даниел Фрид.

    Третото сценарио – Путин напаѓа утре

    Доколку утре Кремљ изврши инвазија, европските оружени сили ќе се соочат со руската војска, уморна и крвава од војната во Украина, но сепак силна борбена сила. Минатата година Путин го зголеми бројот на руската војска (вклучувајќи ги и резервистите) на 3,3 милиони, додавајќи 170.000 луѓе, а повеќе од 600.000 руски војници сега се борат во Украина.

    И покрај загубите на бојното поле, Русија сè уште ги надминува европските земји на НАТО во однос на бројот (иако не и квалитетот) на тенкови, артилериски системи и борбени авиони. Таа, исто така, официјално ќе потроши 4,4% од БДП за одбрана оваа година, иако вистинската бројка е веројатно многу повисока.

    Без Вашингтон, Европа веројатно би се нашла во огромен недостиг од воена опрема. Во декември, пензионираниот генерал-полковник Марк Тис рече дека белгиската армија има толку недостиг од муниција и ресурси што војниците „ќе мораат да фрлаат камења“ набргу по почетокот на каков било конфликт.

    САД имаат околу 100.000 војници стационирани во Европа, околу една третина во Германија и мало, но растечко присуство во Полска. Необработените бројки можеби не се големи, но со децении тие делуваа како гаранција за посветеноста на Вашингтон и како средство за одвраќање од агресија.

    – Цената на американскиот изолационизам за Европа и за светот е светска војна. Ова е лекција по историјата – рече Олександр Мережко, украински парламентарец и претседател на парламентарната комисија за надворешни односи.

    НАТО воспостави сили за распоредување во државите на фронтот, најмногу војници ќе учествуваат во операцијата предводена од Германија во Литванија, каде Бундесверот планира да испрати 4.800 војници до 2027 година. Но, европските земји веројатно не можат доволно брзо да пренесат засилувања на Балтикот за навреме да ги поддржат силите таму, истакнуваат високи европски претставници.

    Од крајот на Студената војна, бројот на европските армии е намален. Многу европски земји ги укинаа непопуларните закони за регрутирање и преминаа на професионални армии. Помеѓу 1989 и 2022 година, бројот на воениот персонал на ЕУ падна од 3,4 милиони на 1,3 милиони.

    Непосредниот приоритет се копнените сили, изјави шведскиот министер за одбрана Пал Јонсон за „Политико“.

    – Кога станува збор за нашите вооружени сили, очигледно е дека треба да ја зголемиме подготвеноста и достапноста, особено на копнените сили – посочи Јонсон.

    Вооружените сили во Европа, кои се потпираат на доброволци, се борат да регрутираат не само во Германија, Обединетото Кралство, Шпанија и Франција – туку дури и во земји поблиску до првите линии на фронтот како Романија, Полска и Бугарија.

    Недостигот од работна сила е сериозен предизвик за армиите кои сакаат да се зајакнат.

    – Ако не успееме да ги зајакнеме нашите вооружени служби, тогаш целиот дополнителен буџет и набавки навистина нема да го имаат очекуваниот ефект – рече генералот Роберт Бригер, претседател на Воениот комитет на Европската унија, тело на ЕУ кое ги собира шефовите на одбрана.

    Финска е најподготвена за војна

    За некои земји, нелегалната анексија на Крим од Русија во 2014 година беше повик за будење. Балтичките и нордиските земји се враќаат на регрутирање војници. Литванија го рестартираше регрутирањето во 2015 година, Шведска во 2017 година, а Латвија во 2023 година. Во Естонската одбранбена лига, цивилите редовно вежбаат за руска инвазија.

    Полската армија долго време осцилираше околу 100.000 членови, но почна да расте во последниве години. Иако бројот на војниците се зголемува, тој сè уште не достигнал ниво што би овозможило големо распоредување во случај на руски напад. Германија има 183.150 активни воени лица. Водечки европски воени сили се Франција со 303.750 и Обединетото Кралство со 150.350 војници.

    Финска, каде тензиите со Русија се клучно прашање пред претседателските избори на крајот на јануари, е меѓу европските земји најподготвени за конфликт со Москва. Земјата со 5,5 милиони жители има 900.000 граѓани со основна воена обука.

    – Имаме многу силни воздушни сили, армија и морнарица, вклучувајќи, се разбира, вооружување и најголема артилерија во Европа заедно со Полска, така што луѓето разбираат дека овде сме го одработеле нашиот дел – рече поранешниот премиер на Финска и актуелен претседателски кандидат Александар Стуб.

    За да се подготват за најлошото, европските земји мора да „трошат, трошат, трошат…“, вели Гесине Вебер, истражувач во германскиот Маршалов фонд.
    Не дека европските земји не беа под притисок да ги зголемат воените трошоци, министрите за одбрана на НАТО уште во 2006 година се согласија да издвојат 2% од БДП за одбраната. А сепак, и покрај руските напади во Украина и долгогодишното лобирање од Вашингтон, до минатата година само 11 од 31 членка на алијансата ја исполнија таа цел – осум од нив се држави на фронтот што граничат со Русија или со Украина.

    Нуклеарно оружје?

    Во меѓувреме, изгледите да се соочат со Москва без американска поддршка, некои во Европа ги натераа да размислуваат за некогаш незамисливото: развивање на сопствени нуклеарни арсенали. Нуклеарното оружје е, на крајот на краиштата, крајно средство за одвраќање – а војната во Украина служи како предупредување.

    Евентуалното американско повлекување наеднаш би оставило изложени големи делови од ЕУ – навикнати да бидат стиснати под американскиот нуклеарен чадор.

    – Европа нема способност да обезбеди нуклеарно одвраќање на начинот на кој тоа го прави Америка, во обем или опсег – вели Нил Мелвин, истражувач во RUSI.
    – Франција и Обединетото Кралство и понатаму ќе имаат нуклеарно оружје, но колку од нив би можеле да стават во служба на своите сојузници и под кои услови е отворено прашање – вели Камил Гранд, поранешна помошничка генерален секретар на НАТО, а сега соработничка во Европскиот совет за надворешни односи.

    Велика Британија има околу 200 боеви глави, со што делумно придонесува за одбраната на НАТО. Франција има околу 300, но тие се посветени само на националната одбрана.
    Во декември, поранешниот германски министер за надворешни работи од редовите на Зелените, Јошка Фишер, рече дека на ЕУ и требаат сопствени нуклеарни бомби, иако тоа го покрена прашањето како ЕУ може да управува со нуклеарни ударни сили. Во Полска, некои политичари почнаа да ја повикуваат земјата да изгради сопствен нуклеарен арсенал. Ваквите ставови се сè уште маргинални, но веројатно ќе се зајакнат за време на евентуален претседателски мандат на Трамп.

    За Хнездилов, украински војник кој се бори против Русија, одговорот на сите овие проблеми е едноставен – ако Европа не сака да биде принудена да се бори против Русија, нејзините водачи треба да се погрижат Украина да добие средства за да ја порази Москва сега.

    – Ако Путин не застане, дали Европа е подготвена за војна денес? Ако Украина падне, дали Европа е подготвена да се брани? – праша Хнездилов.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img