More

    Какви се ефектите од десетгодишното стипендирање студенти во странство

    spot_img

    Државата речиси и не се интересира какви се ефектите од вложувањето во младите луѓе кои се образуваат на престижните универзитети во странство со државни пари. Иако се потрошени неколку десетици милиони евра за една деценија, само 58 од вкупно 222 завршени државни стипендисти на престижните универзитети пријавиле дека се вработени. Каде се останатите 164 не се знае, иако тие имаат обврска по завршувањето на студиите  да се вратат во земјава за да го одработат периодот што го договориле со добивањето на стипендијата. Неофицијално, голем дел од нив веќе се во странство, а дел кои не нашле работа во земјава се подготвуваат да заминат во странство и да ја ефектурираат дипломата која ја стекнале.

    Со овие стипендии во јавноста проструија и неколку афери на деца на функционери на кои им беше исплаќан највисокиот износ на стипендија од 40.000 долари годишно, а за кои нема информација дека се вратени во земјава и бараат работа.

    Тоа говори дека државата нема план како да го ефектуира ова вложување, не го планира нивно вработување и не успева да создаде клима за да ги задржи во земјава, велат експерти.

    Досега поделени 365 стипендии за престижни универзитети

    Според податоците на Министерството за образование, државата досега доделила 365 стипендии на млади луѓе од земјава за студирање и остручување на престижни универзитети од Шангајската листа. Досега студиите ги завршиле 222 студенти, а 58 од нив доставиле податок дека се вработиле. Моментално 143 луѓе се во странство на студии со ваква стипендија а 38 од нив добија стипендија годинава.

    Овие луѓе се запишани на некој од 100 универзитети од Шангајската листа и студираат на: технички науки, архитектура, градежништво, математика, меѓународно право, економија и финансии, физика, биологија, хемија, на медицински науки и на генетика.

    Од министерството за образование велат дека овие луѓе по завршувањето имаат обврска да се вратат во земјава, да се пријават и да се вработат.

    – По завршувањето на студиите, кандидатите, согласно потпишаниот договор за користење на стипендијата, имаат обврска да се вратат во земјава и да работат во јавниот или приватниот сектор најмалку двојно подолго отколку што траело студирање. Првите 6 месеци по враќањето во земјата треба да бидат на располагање за вработување во органите на државната управа, но тоа не е задолжителна обврска на Владата, односно на Министерството за образование и наука – појаснуваат од Министерството за образование.

    Министерството за образование нема сумарна пресметка колку пари се потрошени за стипендирање на престижните универзитети во изминатите 10 години. Само информира дека ги покрива трошоците за студирање и тоа најмногу до 40.000 американски долари годишно за покривање на уписнината, и дополнително ги покрива трошоците за живот, сместување и за превоз.

    Бизнисот ги бара стручните кадри за кои издвојуваше пари

    За разлика од Министерството, бизнисот ги има вистинските пресметки за потрошената сума пари за оваа намена од страна на државата. Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески деновиве презентира бројка од 24,4 милиони евра за период од 10 години за оваа намена или, како што рече, годишно се трошат по 2,4 милиони евра за овие млади луѓе од државната каса, а нив стопанството ги нема на располагање.

    Тој побара одговор од владата каде се овие млади луѓе сега кога на стопанството му е најпотребен кадар, посебно раководен, кој веќе го увезуваме од странство.

    – Имаме едно просто прашање: што е со нашите „вундеркинди“ кои ги испративме на државна сметка на најпрестижните универзитети, а кои никако да се вратат и да и помогнат на државата. Каде се тие сега и за што се потрошени 150 милиони денари годишно, т. е. 1,5 милијарди денари за 10 години? Па нели заеднички на сите ни е обврската да ги зголемиме продуктивноста и конкурентноста ако сакаме економски развој!? Некој ќе рече дека увозот на работна сила подразбира дреари, тесари, заварувачи, но не е лошо да се провери бројката на издадени дозволи за странски менаџери, а потоа да се објави како стојат работите на овој план – рече Азески.

    Експерти, како и бизнис заедниците, очекуваат овие стипендисти на државата да дадат додадена вредност на стопанството и научните институции, бидејќи добивале пари кои ги издвоиле граѓаните за нивното образование.

    Државата треба да има план што со овие луѓе

    Професорот Здравко Савевски смета дека оваа државна вложување не смее да се сведе само на финансирање на деца на партиски кадри кои ќе студираат на престижни универзитети на државна сметка и ќе работат каде сакаат, туку државата треба да има план според кој ќе се одбираат стручњаци потребни на државата кои ќе се образуваат во странство и ќе дадат додадена вредност по нивното враќање во земјава.

    – Во принцип, прва работа кога овие луѓе се испраќаат на образование во странство треба да се знае дека тие ќе бидат вработени според државен план, а не да се користат како превез за користење на државните ресурси за образование на деца на партиски кадри или за партиска пропаганда со бројки од стотици светски образовани кадри кои потоа нема каде да работат бидејќи државата не ги испланирала нивните работни места. Значи се е во државното планирање. Ако државата нема план за нив и не се интересира каде се вработиле тогаш тоа е еден вид на корупција бидејќи се вложени пари на граѓаните без никаков ефект од тоа, односно само се фрлени пари. За тоа се носи и одговорност – вели Савевски.

    Тој додава дека државата мора да води евиденција и да даде отчет што направила со парите на граѓаните.

    – Потребно е државата да води контрола дали овие луѓе се придржуваат до договореното со добивањето на стипендијата и ако утврди дека тие не се придржуваат до договорот треба да преземе активности да ги врати парите кои ги вложила во нивното школување. Од друга страна и државата треба да го реализира ветеното и да ги оправда потрошените пари – вели Савевски.

    Според она што стои во договорот со овие студенти, ако не се вратат да работат двојно подолг период од времето кое го минале на студии надвор од државата, зависно од годината во која го потпишале договорот, треба да вратат од три до десетпати поголем износ од оној кој им бил даден за студирање.

    Некои од студентите што се вратени во земјава и не се вработени, се жалат дека никој не ги контактира за вработување во државна институција и се принудени сами да бараат работа за да можат да го исполнат периодот во кој треба да се задржат во земјата. Не сакаат јавно да говорат, но велат дека размислуваат да се вратат во странство бидејќи државата, иако потрошила пари за нивно образование, не им обезбедила вработување каде што ќе го покажат она што го знаат. Дел од нив веќе се заминати.

    – По завршувањето на факултетот се вратив дома бидејќи имав обврска првите шест месеци да сум достапна за работа во македонска институција и очекував дека ќе најдам работа. Пишав во Министерството за образование дека сум вратена и по три години добив мејл во кој ме прашуваат дали сум се снашла со работа!? Не можев да верувам! После ова, што да правам? Секако, моја опција е да се вратам во странство – вели стипендистка што сака да биде анонимена.

    Стипендиите за студирање на најдобрите универзитети беа воведени во 2011 година во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ со која раководеше Никола Груевски. Тогаш овие стипендии беа најавени како можност стопанството и државата да добијат високостручен кадар, кој ќе биде вклучен во стопанството и институциите. Владата на Груевски по неколку години се пофали дека го вработила првиот студент кој се врати во земјава.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img