Товарните бродови со украинско жито беа блокирани во пристаништата бидејќи Москва бараше гаранции за заштита на руската флота во хуманитарниот коридор во Црното Море за извоз на жито.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на коридорот за транспорт на жито му е потребна сигурна и долгорочна заштита.
„Русија мора јасно да разбере дека ќе добие остар глобален одговор на секоја мерка што ќе го наруши нашиот извоз на храна“, рече Зеленски.
Тој додаде дека тоа е „витално прашање за десетици милиони луѓе“.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера во разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека е „неопходно“ од Киев да се добијат „реални гаранции за строго почитување на договорот од Истанбул, поточно дека хуманитарниот коридор нема да се користи за воени цели“.
Договорот за испорака на жито беше потпишан на 19 јули во Истанбул под покровителство на Турција и ОН и овозможи извоз на милиони тони жито заробени во украинските пристаништа за време на руската офанзива врз Украина.
Русија во саботата објави дека го „суспендира“ учеството во договорот откако го обвини Киев дека е одговорен за нападите со беспилотни летала врз нејзината флота на Крим. Нападите беа извршени користејќи го „хуманитарниот коридор“ во Црното Море за извоз на украинско жито.
Од Украина, пак, велат дека Русија користела лажен изговор за да не го спроведе договорот.