More

    Ќе се образуваат дигитални земјоделски инженери

    spot_img

    Нова интердисциплинарна студиска програма по дигитално земјоделство, со предмети од земјоделскиот и прехранбениот сектор и од техничките науки се воведува на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје (ФЗНХ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

    Иницијативата е на бизнисот, а кадрите кои ќе произлезат – дигитални земјоделски инженери, треба да овозможат намалени трошоци и поголеми приноси на храна, а особено да ја помогнат дигитализацијата кај малите производители.  Од бизнисот потенцираат дека дигиталните земјоделски инженери се значајно потребен кадар во производството на квалитетна и ценовно конкурентна храна.

    На конференција што се одржува денеска во Скопје со учество на претставници на образовни институции, на бизнис секторот и на експерти од државава,  Хрватска и Словенија, беа изнесени и примери како со употреба на дигитализација и експертиза во областа на информатичките технологии ќе се обезбеди поголема економичност, зголемени приноси и производството на квалитетна и безбедна храна.

    Деканот на ФЗНХ, проф. д-р Миле Маркоски, очекува голем интерес од средношколците за студирање на новата студска програма. Со неа, како што вели, Факултетот одговора на барањата на бизнис заедницата да се подготви кадар кој ќе се соочи со предизвиците на новото време од дигитализација на образовниот процес и на сите процеси во примарното и секундарното земјоделско производство.

    Целта, рече, е  да оформиме современи земјоделски инженери кои ќе се соочат со практичните решенија кои ги носат современите дигитални текови.

    -Факултетот за земјоделски науки и храна  при УКИМ секогаш бил предвесник на нови иницијативи и нови бранови во високото образование,  па така и сега, заедно со уште три факултети од единиците на УКИМ, формираат нова насока дигитално земјоделство,  што се надевам ќе побуди голем интерес кај идните средношколци и матуранти да се запишат. Насоката е компилација  од предмети значајни за земјоделскиот и прехранбениот сектор, како и за техничките науки, а заедно прават нова студиска програма на нов современ инженер кој ќе се соочи со новото време, дигитализацијата на образовниот процес и на процесот на производство во земјоделско-прехранбениот простор – изјави Маркоски.

    Зденко Лончариќ од Факултет за земјоделско-биотехнички науки „Јосип Јурај Штросмајер“, Универзитет Осиек, оцени дека состојбата со дигитализацијата во земјоделството во Хрватска е речиси иста како кај нас и оти нема отпор за прифаќање на дигитализацијата и од помладите и од постарите генерации.

    -Во некои работи сме чекор напред, во некои заостануваме, но имаме исти проблеми и иста цел  – да  го оптимизираме производството преку дигитализацијата, која е насекаде околу нас. Заеднички детектираме дека најголем проблем и предизвик ќе биде да се оспособат агрономите да бидат доволно способни и компетентни да се преброди проблемот со пренесувањето на дигитализацијата на малите земјоделски производители и истовремено да бидеме во чекор со големите технологии. Големите производители ќе се снајдат. Сакаме агрономите и во Македонија и во Хрватска да бидат способни да го водат процесот на дигитализација – рече Лончариќ.

    Тој на конференцијата појасни како да се одговори на предизвиците и полесно да се применат решенијата кои се покажале како успешни во Хрватска.

    Според проректорот за финансии на УКИМ проф. Лазар Пендовски, со формирањето на новата студиска програма Универзитетот ги воведува новите концепти во земјоделството, кое учествува со 9-10% во БДП, и ќе има огромно значење за државата.

    -Универзитетот секојпат ги следи новите концепти и дава силна поддршка особено на мултидисциплинарниот пристап за создавање на ваква концепциска студиска програма во која што се вметнати традиционалното земјоделие коешто ќе се изучува на Факултетот за земјоделски науки и храна, како носител на студиската програма. Ќе и се додаде би кажал една машинска прецизност со помош на нови дигитални технологии и иновации –  паметни алатки, за да може да се произведува храна на поекономичен начин, во којшто ќе се искористат сите можни ресурси, за да може да се зачува и зелената економија и средината во која што живееме – рече Пендовски.

    Професор д-р Розалија Цвејиќ од Биотехничкиот факултет во Љубљана, посочи дека македонските институции се на почеток на процесот и истакна дека со отворање на оваа студиска програма, значајно би се унапредил земјоделско-прехранбен сектор во земјата.

    И Горан Дамовски, тим лидер од Програмата ИМЕ, порача дека дигитализацијата е неопходен процес за осовременување и зголемена конкурентност на агробизнисот.

    -Новата студиска програма за дигитално земјоделство ќе обезбеди интензивно запознавање на земјоделските инженери со информатичката технологија и користење на дигитални решенија и алатки кои се применуваат за прецизно и напредно земјоделство, базирано на податоци и знаење. Програмата е развиена со швајцарска поддршка, користејќи европски и регионални примери, во целосна соработка и согласно потребите на агробизнис секторот. Стручните кадри кои ќе произлезат од неа ќе имаат клучна улога во модернизација и развој на земјоделскиот сектор во државата – изјави Дамовски.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img